Ирска и Франција отворија истраги поради два нови инцидента со неидентификувани дронови кои оваа недела се појавија во близина на нивните брегови. Мистериозните летала се појавија во исклучително чувствителни моменти – едното непосредно пред слетувањето на украинскиот претседател Володимир Зеленски во Даблин, а другото во близина на француската поморска база со нуклеарни подморници, пренесува CNN.
Овие случаи се последни во низа од необјаснети прелети на дронови низ неколку европски земји од септември наваму. Некои од нив го нарушиле цивилниот авионски сообраќај, додека други се појавиле во близина на воени објекти.
Инцидентот во Ирска
Во понеделник вечерта, неколку дронови биле забележани крај брегот на Даблин токму кога се очекувало да слета авионот со претседателот Зеленски, кој пристигнувал во прва официјална посета на Ирска.
Ирската полиција потврди дека специјалната детективска единица спроведува истрага и дека ќе соработува со вооружените сили и меѓународните безбедносни партнери.
Советникот на Зеленски, Дмитро Литвин, изјави дека украинската делегација била информирана за забележаните дронови, но дека не било потребно преземање дополнителни мерки:
„Домаќинот е одговорен за безбедноста. Според нивните информации, дроновите навистина постоеле, но тоа не влијаеше на посетата“, рече тој.
Инцидентот во Франција
Во четврток вечерта, повеќе дронови летале во близина на француската база Ил Лонг на атлантскиот брег, каде што се стационирани балистички нуклеарни подморници. Француските обвинители соопштија дека операторите на дроновите не се идентификувани, ниту пак леталата биле соборени.
Обвинителот Фредерик Тејет изјави за AFP дека засега „не е утврдена никаква поврзаност со странско мешање“. Француски маринци користеле системи за ометење како мерка на претпазливост.
Министерката за одбрана Катрин Вотрен изјави дека истрагата продолжува и ќе утврди за што точно станувало збор. Летови на дронови се строго забранети на полуостровот Крoзон, каде што се наоѓаат базата и други важни воени објекти.
Серија мистериозни летови низ Европа
Европските функционери сметаат дека Русија стои зад барем дел од инцидентите, иако ниту еден дрон досега не е пронајден или соборен.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен ги опиша овие активности како „хибридно војување“.
Данската премиерка Мете Фредериксен уште во септември изјави дека, иако не може со сигурност да се утврди поврзаност, „постои една земја која претставува најголема закана за европската безбедност – Русија“.
Зголемени сомнежи кон Русија
Многу прелети се забележани во близина на балтичките и други европски брегови, што предизвика сомнежи дека Русија можеби користи бродови како платформи за лансирање дронови.
Претходно Reuters објави дека рускиот танкер Boracay, кој превезува санкционирана руска нафта, се наоѓал околу 90 километри јужно од Копенхаген токму кога активност на дронови предизвикала затворање на аеродромот на 22 септември.
Неколку дена подоцна истиот брод бил забележан и западно од Данска, во време кога повторно биле пријавени дронови.
Кремљ соопшти дека нема информации за бродот. Портпаролот Дмитриј Песков додаде дека руската војска понекогаш морала да „воспостави ред“ кога други земји преземале „провокативни акции“.
Подоцна, Boracay бил прегледан од француските власти, а неговиот кинески капетан обвинет за непружање доказ за националноста на бродот и за непочитување наредби.
