Иран за време на протестите што избувнаа низ целата земја го ограничи пристапот до интернет, при што интернет-сообраќајот опаднал за 35 проценти, утврди американската ИТ-компанија Cloudflare, пренесуваат иранските дневни весници Etemad. Корисници на социјалните мрежи зборуваат за „интензивни“ тешкотии и изразуваат загриженост дека наскоро би можело целосно да се оневозможи пристапот до интернет, пренесува агенцијата dpa.
Во Иран веќе една недела траат политички немири. Тие започнаа во главниот град Техеран, каде граѓаните излегоа на улиците да протестираат против економските политики на владата, но брзо се проширија низ целата земја. Покрај слоганите што го критикуваат актуелното раководство, многу демонстранти повикуваат и на враќање на монархијата, соборена со Исламската револуција во 1979 година, пишува dpa.
Запирање на ширењето снимки
Иранските власти го ограничуваа пристапот до интернет и за време на протестите во 2009, 2019 и 2022 година, како и за време на израелските напади во јуни минатата година. Набљудувачите сметаат дека целта на овие рестрикции е двојна – да се спречи координацијата на демонстрантите и да се запре ширењето снимки, фотографии и извештаи од протестите на социјалните мрежи.
За време на актуелните протести се бележат насилни судири меѓу демонстрантите и безбедносните сили, при што, наводно, досега загинале најмалку десет лица. Активисти тврдат дека се уапсени неколку стотици луѓе.
