Три палестинки се убиени на окупираниот Западен Брег во ирански ракетен напад доцна синоќа, соопшти палестинскиот Црвен полумесец.
Ракета погодила фризерски салон во градот Беит Ава, југозападно од Хеброн, јави официјалната новинска агенција на Палестинската управа WAFA. Шест жени се повредени, од кои една потешко.
Загинале три жени
Ова е првиот смртоносен ирански напад на палестинска територија и прв во кој се убиени Палестинци од почетокот на американско-израелската војна со Иран.
Израелската војска соопшти дека, според нивните информации, Палестинките загинале како последица на експлозија на касетна муниција, односно делови од боевата глава што се распаѓа на мали бомби кои се расфрлаат на поширока област.
Израелските здравствени служби во средата доцна навечер објавија дека во ирански ракетен напад во централниот дел на Израел загинал и еден странски работник. Најмалку 14 лица се убиени во Израел откако Израел и САД започнаа напади врз Иран кон крајот на февруари, што предизвика регионален конфликт.
Иран непрекинато го гаѓа Израел
Иран секојдневно го напаѓа Израел со ракети, но досега немаше извештаи за намерно таргетирање на палестинските територии под израелска окупација.
Поголемиот дел од Израелците имаат пристап до засолништа од бомби кои ги штитат од касетна муниција и од паѓачки остатоци, но такви засолништа практично не постојат за Палестинците на Западниот Брег.
Многу Палестинци се потпираат на звукот на сирените од еврејските населби или соседните градови во Израел како предупредување за ракетни напади.
Улиците на Западниот Брег последниве денови се полни бидејќи многу палестински семејства купуваат слатки и подароци во очекување на Рамазански бајрам, крајот на светиот месец Рамазан.