Иранската Револуционерна гарда објави дека му се заколнува на верност на Моџтаба Хамнеи, синот на убиениот ајатолах Али Хамнеи, кој е назначен за нов врховен лидер на Иран.
Во соопштението се наведува дека Револуционерната гарда ја поддржува одлуката на Советот на експерти и дека е подготвена на „целосна послушност и жртвување“ за да ги исполни, како што велат, божествените наредби на новиот лидер.
Иранските државни медиуми претходно објавија дека 56-годишниот Моџтаба Хамнеи е избран за наследник на својот татко. Одлуката ја донел Советот на експерти, религиозно тело задолжено за избор на врховниот лидер на земјата.
Моџтаба Хамнеи преживеал американско-израелски воздушен напад врз Иран, додека неговиот татко Али Хамнеи загина во напад минатата сабота. Во последните години тој постепено го зголемувал своето влијание во иранскиот политички и верски естаблишмент.
Како влијателен клерик, Моџтаба Хамнеи е познат како противник на реформските кругови во Иран, кои се залагаат за поголема соработка со Западот и за либерализација на општеството.
Неговите блиски врски со Револуционерната гарда дополнително го зацврстија неговото влијание во безбедносниот и политичкиот систем на земјата, а долго време важеше за неформален посредник меѓу елитата и неговиот татко.