Во неодамнешниот вооружен судир со Израел, иранските власти започнаа масовна акција на апсења и погубувања на лица осомничени за поврзаност со израелските разузнавачки служби. Иако Техеран тврди дека мерките се неопходни за „национална безбедност“, меѓународни набљудувачи и активисти предупредуваат дека станува збор за обид да се задуши секоја форма на несогласување.
Според BBC Persian, властите веруваат дека израелските шпиони навлегле длабоко во иранските безбедносни структури, што, како што тврдат, овозможило смртоносни напади врз високи офицери на Револуционерната гарда и научници поврзани со нуклеарната програма.
Признанија, егзекуции и стотици уапсени
Во текот на 12-дневната војна, погубени биле најмалку шест лица обвинети за шпионажа, а државната телевизија емитуваше видеа со наводни признанија на уапсени, кои наводно соработувале со израелскиот Мосад.
Агенцијата Fars, блиска до Револуционерната гарда, објави дека од 13 јуни досега се уапсени над 700 лица, а активисти за човекови права изразуваат страв дека бројот на егзекуции ќе продолжи да расте.
Притисок врз новинари, медиуми и семејства на критичари
Освен апсењата, Министерството за разузнавање почнало да испраќа предупредувања до граѓани чии броеви се поврзани со израелски содржини на социјалните мрежи, барајќи од нив веднаш да ги напуштат тие платформи.
Посебно на удар се новинари кои работат за персиски медиуми надвор од земјата, како што се BBC Persian, Iran International и Manoto TV. Семејства на некои новинари биле уапсени за да се изнуди оставка или молк. Во еден случај, таткото на водителка од Iran International бил принуден да ја предупреди ќерката преку телефонски повик обезбеден од разузнавачите.
Новинарите биле означени како мохареб – „непријатели на Бога“, што според иранските закони може да резултира со смртна казна.
Паралели со репресиите од 1980-тите
Набљудувачите ги споредуваат овие случувања со масакрите по иранско-ирачката војна, особено со масовните егзекуции во 1988 година. Тогаш илјадници политички затвореници биле погубени по кратки и тајни „судски“ постапки, а многумина од нив биле закопани во неозначени гробници.
Сегашниот бран репресија го зафаќа и семејствата на жртвите од протестите во 2022 година, кога под слоганот „Жена, живот, слобода“ беа убиени стотици и уапсени илјадници демонстранти. Денес, членови на нивните семејства се повторно приведувани, без обвинувања или транспарентни постапки.
Блокади, цензура и контрола
И покрај официјално прогласениот прекин на огнот, пристапот до интернет сè уште е ограничен, а популарни мрежи како Instagram, Telegram, YouTube и X (Twitter) се блокирани долгорочно – достапни само преку VPN.
Меѓународните организации за човекови права повикуваат на итна реакција, стравувајќи дека Иран може да влезе во нова фаза на систематска и брутална репресија.