Официјален Техеран ги предупредил земјите во регионот дека ќе изврши напади врз американските воени бази на нивна територија, доколку Соединетите Американски Држави го нападнат Иран, објавува The Times of Israel, повикувајќи се на изјава на висок ирански функционер.
Според истиот извор, иранските власти од државите во регионот побарале да извршат притисок врз Вашингтон со цел да се спречи евентуален напад врз Иран.
„Техеран им порача на земјите во регионот (од Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, па сè до Турција) дека американските бази во тие земји ќе бидат цел на напади доколку САД го нападнат Иран, барајќи од нив да го спречат Вашингтон да преземе таков чекор“, изјавил неименуваниот ирански висок функционер.
Соединетите Држави располагаат со бројни воени бази на Блискиот Исток, вклучувајќи ги Кувајт, Катар, Оман, Израел, како и Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати.
Предупредувањето од Техеран доаѓа во момент на засилени тензии меѓу Иран и САД, во услови на масовни протести во Иран и зголемени меѓународни стравувања од поширока ескалација на конфликтот во регионот.
