Иран се закани: „Секој западен брод во Ормускиот теснец ќе биде погоден“

Револуционерната гарда се закани дека ќе ги нападне американските, израелските и западните бродови доколку се појават во клучниот поморски коридор.

Иранската Револуционерна гарда соопшти дека Ормускиот теснец е затворен за бродови од САД, Израел, европските држави и нивните сојузници, предупредувајќи дека тие ќе бидат цел на напад доколку се појават во регионот.

Во соопштението, кое го пренесе иранската државна телевизија IRIB, се наведува дека Иран во услови на војна има право да го контролира поминувањето низ еден од најважните поморски коридори во светот.

„Веќе порано кажавме дека, врз основа на меѓународното право и резолуциите, Исламската Република Иран во време на војна има право да го контролира преминот низ Ормускиот теснец“, соопшти Револуционерната гарда.

Закана за напад врз западни бродови

Иранските власти предупредија дека бродовите кои припаѓаат на САД, Израел, европските држави и нивните сојузници ќе бидат нападнати доколку бидат забележани во теснецот.

„Доколку ги забележиме, сигурно ќе бидат погодени“, порачаа од Револуционерната гарда.

Поморскиот сообраќај во Ормускиот теснец речиси запрен

Сообраќајот низ Ормускиот теснец значително се намали откако САД и Израел започнаа заедничка воена операција против Иран.

Поради зголемените тензии, цените на нафтата веќе бележат раст, а аналитичарите предупредуваат дека подолготрајни нарушувања во овој теснец би можеле сериозно да го погодат глобалното снабдување со енергенси и светската економија.

Ормускиот теснец е еден од најважните енергетски коридори во светот, преку кој поминува значителен дел од глобалниот транспорт на нафта.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни