Утрово ширум Израел се огласија сирени за воздушна опасност, а најновите информации откриваат дека Иран за првпат употребил балистичка ракета од типот Хајбар (Khyber) во напад врз Израел.
Што е ракета Хајбар?
Се работи за балистичка ракета со среден дострел (MRBM) со дострел до 2.000 километри и бојева глава со 1.500 килограми експлозив. Името доаѓа од историјата – по Битката за Хајбар од 7. век, а наменета е за удари врз цели низ целиот Блиски Исток, вклучувајќи и Израел.
Оваа ракета е дел од новата генерација на ирански ракетен арсенал и досега не била користена во борбени дејства. Иран уште на 13 јуни најави можност за нејзина употреба, велејќи дека „светот ќе биде шокиран од она што ќе го види“.
Се појавија и првични снимки од утринските напади врз Израел, но засега не е потврдено дали токму Хајбар е одговорна за евентуалната штета. Израелските одбранбени сили (IDF) не ја исклучуваат можноста дека оваа ракета е дел од денешниот напад, иако деталите сè уште се анализираат.
Ова претставува нова ескалација во веќе сериозно влошената безбедносна состојба на Блискиот Исток по американските напади врз иранските нуклеарни постројки.