Американскиот носач на авиони „USS Абрахам Линколн (CVN-72)“ ја напуштил оперативната зона во регионот откако бил „неутрализиран“ од иранските сили, тврди портпаролот на Генералштабот на иранските вооружени сили.
Иранските медиуми во саботата ја пренесоа изјавата на портпаролот Аболфазл Шекарчи, кој наведе дека носачот на авиони се повлекол од регионот по, како што го опиша, „историски пораз“.
Тврдењата на иранската армија
Шекарчи ги повика земјите од регионот да не им веруваат на Соединетите Американски Држави и истакна дека „илузорната моќ“ на Вашингтон не може да гарантира безбедност за исламските земји.
Тој исто така ги повика муслиманските држави на единство за да се спротивстават на, како што рече, заканите предводени од САД и Израел.
Според него, „USS Абрахам Линколн“, кој бил распоредeн во регионот, бил една од целите на иранските вооружени сили.
„Најголемиот американски воен брод беше неутрализиран од силата на Исламската Република Иран и беше принуден да се повлече од оперативната зона во историски пораз“, изјави Шекарчи.
Без дополнителни детали
Портпаролот додаде дека носачот на авиони започнал да се враќа кон Соединетите Американски Држави, но не даде дополнителни информации за наводниот инцидент.
Според претходни изјави на американски претставници, „USS Абрахам Линколн (CVN-72)“ бил распоредeн во Оманскиот Залив, додека носачот на авиони „USS Џералд Р. Форд (CVN-78)“ оперирал во Црвеното Море.