Најмалку шест припадници на безбедносните сили се убиени, а десетици демонстранти се приведени додека антивладините протести продолжуваат да го потресуваат Иран, јавуваат локалните медиуми. Протестите се поттикнати од влошените економски услови и падот на вредноста на националната валута.
Државната телевизија IRIB, повикувајќи се на главниот државен обвинител Мохамад Мовахеди-Азад, соопшти дека шестмина припадници на безбедносните сили биле убиени за време на немирите во западната покраина Керманшах.
Според Press TV, иранските безбедносни служби уапсиле околу 200 лица кои ги означиле како организатори или водачи на протестите, при што за време на рациите во нивните домови било запленето и оружје. Началникот на иранската полиција, Ахмад Реза Радан, изјави дека координацијата меѓу безбедносните сили и органите за спроведување на законот е засилена, со што операциите против, како што ги нарече, „изгредниците“ се подигнати на повисоко ниво.
Радан додаде дека клучните лица зад немирите биле уапсени во текот на ноќта и дека приведените ќе се соочат со санкции по завршувањето на законските постапки. Тој наведе и дека поголемиот дел од загинатите во актуелниот бран протести, според форензичките наоди, починале од убодни рани, тврдејќи дека дел од насилството не било извршено од страна на безбедносните сили.
Протестите во Иран траат од крајот на декември, кога започнаа на Големиот базар во Техеран, поради економската криза и падот на иранскиот ријал, а потоа се проширија и во други градови низ земјата. Иако нема официјални податоци за вкупниот број жртви, ирански медицински извори во изминатите денови известија за стотици загинати.
Еден лекар од Техеран, изјавил дека само во неколку болници во главниот град биле регистрирани над 200 смртни случаи на демонстранти, најголем дел како последица на огнено оружје.
