Советникот на иранскиот врховен лидер порача дека „секој облик на агресија“ против неговата земја ќе биде „дочекан со жесток и моментален одговор“, кратко откако американскиот претседател Доналд Трамп предупреди дека секое иранско повторно вооружување ќе биде многу брзо „елиминирано“.
„Иранските балистички и одбранбени капацитети не можат да бидат ограничени“ и за нив не е потребно „никакво одобрение“, напиша Али Шамхани на платформата X, шест месеци по американските и израелските напади врз иранските нуклеарни објекти.
Заеднички став на САД и Израел
Доналд Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во понеделникот на Флорида претставија заеднички фронт против Иран и секој обид за повторно вооружување, како и против Хамас, на кој американскиот претседател му се закани доколку не се придржува до мировниот план за Газа.
Од говорницата на заедничката прес-конференција одржана во резиденцијата Мар-а-Лаго, Нетанјаху упати остро предупредување до Техеран, заколнатиот непријател на Израел.
„Се надевам дека не се обидуваат повторно да се вооружат, затоа што ако го сторат тоа, нема да имаме друг избор освен многу брзо да го спречиме тоа повторно вооружување“, без разлика дали станува збор за нуклеарни објекти или балистички ракети, предупреди тој.
Предупредувањата на Трамп кон Иран
Трамп пред средбата изјави дека би бил отворен за уште еден брз израелски напад врз Иран доколку таа земја продолжи да ги развива своите програми за балистички ракети и нуклеарно оружје. Тој додаде дека САД брзо ќе започнат нови напади врз Иран ако се покаже дека земјата го обновува својот нуклеарен програм, кој САД го нападнаа во јуни.
Американскиот претседател исто така го минимизираше значењето на извештаите за тензии со израелскиот премиер. Израел „го почитувал планот“ за Газа, рече тој, додавајќи дека „не е загрижен за ништо што Израел го прави“.
Ставот кон Хамас
Од друга страна, Трамп го обвини палестинското исламистичко движење Хамас и повтори дека неговото разоружување, како дел од втората фаза на планот за Газа, е неопходно.
„Ако не се разоружаат како што ветија, и тоа во релативно краток рок, ќе платат висока цена“, се закани тој.
Сепак, вооруженото крило на Хамас во понеделникот потврди дека нема да се откаже од оружјето сè додека трае окупацијата.
Односите меѓу Трамп и Нетанјаху
Бенјамин Нетанјаху, кој средбата со републиканецот ја опиша како многу продуктивна, ја искористи приликата да му го врачи на Трамп највисокото цивилно одликување на Израел, првпат доделено на личност која не е Израелец.
„Никогаш не сме имале пријател како претседателот Трамп во Белата куќа“, изјави Нетанјаху.
„Може да биде многу тешко“, но Израел „можеби немаше да постои“ без лидерството што Бенјамин Нетанјаху го покажа по невидените напади на Хамас на 7 октомври 2023 година, порача американскиот претседател.
