Иран остро им се закани на Соединетите Американски Држави откако американска подморница потопи ирански воен брод во Индискиот Океан.
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи порача дека Вашингтон „горко ќе зажали“ поради нападот, кој според Техеран претставува „злосторство на море“.
Во објава на платформата X, Арагчи наведе дека иранската фрегата „Дена“ била погодена на околу 2.000 милји од иранскиот брег, во меѓународни води.
Според него, бродот бил во посета на индиската морнарица, а на него имало околу 130 морнари.
„Запомнете ги моите зборови: САД горко ќе зажалат поради овој потег“, напиша Арагчи.
Пентагон потврди дека бродот е потопен со торпедо
Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет претходно потврди дека американска подморница потопила ирански воен брод со торпедо во Индискиот Океан.
Тој изјави дека бродот бил погоден без директен судир и дека станува збор за прво потопување на непријателски брод со торпедо од времето на Втората светска војна.
Инцидентот дополнително ги зголемува тензиите меѓу САД и Иран, кои веќе се во директна конфронтација по ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток.