Иран размислува да пушти танкери низ Ормускиот теснец – но бара плаќање во кинески јуани

Техеран разгледува можност дел од нафтените танкери повторно да поминуваат низ Ормускиот теснец, но под услов нафтата да се плаќа во кинески јуани наместо во долари.

Иран размислува да дозволи дел од нафтените танкери повторно да поминуваат низ Ормускиот теснец, една од најважните светски енергетски рути. Досега иранската стратегија беше да напаѓа и бомбардира танкери и бродови кои пловат низ тој клучен морски премин.

Според извор запознаен со разговорите во Техеран, кој ја потврдил информацијата за CNN, условот што Иран го разгледува е нафтата да се продава и плаќа во кинески јуани.

Нов план на Техеран

Висок ирански претставник изјавил за CNN дека Техеран разгледува можност да дозволи ограничен број танкери да поминуваат низ теснецот, но само ако товарот со нафта се продава во кинеската валута.

Овој потенцијален потег е дел од нов план со кој иранските власти сакаат да го регулираат сообраќајот на танкери низ Ормускиот теснец.

На глобалниот пазар нафтата речиси целосно се тргува во американски долари. Исклучок е руската нафта под западни санкции, со која се тргува во рубљи или јуани.

Закани од САД

Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп повторно се закани дека САД ќе ја нападнат нафтената инфраструктура на иранскиот остров Харг доколку Иран продолжи да ги блокира бродовите кои се обидуваат да поминат низ Ормускиот теснец.

Трамп изјави дека американските сили „целосно ги уништиле сите воени цели“ на островот Харг, преку кој минуваат околу 90 проценти од иранскиот извоз на сурова нафта.

Можни глобални последици

Тензиите околу Ормускиот теснец, една од најважните енергетски артерии во светот, веќе предизвикаа силен раст на цените на нафтата. На светските пазари тие достигнаа највисоко ниво од јули 2022 година, односно од периодот по руската инвазија врз Украина.

Обединетите нации предупредија дека ограничувањата на поморскиот сообраќај низ теснецот би можеле да имаат огромно влијание врз хуманитарните операции.

„Кога бродовите престануваат да поминуваат низ овој теснец, последиците многу брзо се чувствуваат“, изјави Том Флечер, заменик генерален секретар на Обединетите нации за хуманитарни прашања.

Тој предупреди дека во такви услови станува многу потешко и поскапо да се доставуваат храна, лекови, ѓубрива и други неопходни производи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни