Иран во пламен: Десетици загинати, илјадници уапсени и ескалација на протестите низ целата земја

Економскиот колапс прераснува во најмасовни демонстрации по 2022 година, додека режимот ја крева безбедносната готовност
EPA/FILIP SINGER

Најмалку 65 лица загинале, а повеќе од 2.300 се уапсени во последните 13 дена за време на антивладини протести низ Иран, покажуваат податоци на Агенцијата за активисти за човекови права (HRANA). Протестите се регистрирани на над 500 локации во околу 180 градови, што ги прави најмасовни од протестите по смртта на Махса Амини во 2022 година.

Според достапните информации, меѓу загинатите има најмалку 50 демонстранти, како и припадници на безбедносните сили. Точниот број жртви останува нејасен поради прекините на интернет и комуникациите во земјата, што дополнително ја отежнува независната проверка на состојбата.

Протестите првично започнаа како реакција на драстичниот раст на цените, падот на националната валута и влошениот животен стандард, но брзо прераснаа во пошироко движење со јасни барања за промена на политичкиот систем. Иако дел од протестите се мирни, во повеќе градови се пријавени судири, палење објекти и оштетување државна инфраструктура.

Иранските власти тврдат дека немирите се резултат на странско мешање и обвинуваат САД и Израел за дестабилизација на земјата. Безбедносните служби соопштија дека се уапсени над 100 лица во повеќе провинции под сомнение за организирање насилства, а државниот апарат е ставен во состојба на највисока готовност.

Во меѓувреме, иранските власти ја активираа и мрежата на подземни воени објекти познати како „ракетни градови“, што укажува на сериозна загриженост за внатрешната стабилност, но и за можни надворешни сценарија. Постојат и извештаи дека дел од припадниците на безбедносните сили биле приведени поради одбивање да дејствуваат против демонстрантите.

Посебно внимание привлекува и сè порадикалниот отпор на жените во Иран. Во текот на последните денови се појавија снимки на кои млади жени палат фотографии на врховниот лидер и симболично ги користат тие пламени како чин на јавен пркос кон политичко-религиозниот систем и строгите општествени ограничувања.

Паралелно со настаните во земјата, Реаза Пахлави – син на последниот ирански шах – од егзил повика на масовни протести, окупација на централните градски подрачја и генерален штрајк во клучните сектори, најавувајќи дека се подготвува за враќање во Иран. Овие повици дополнително ја зголемија нервозата кај властите.

И покрај тврдењата на државните медиуми дека состојбата е „под контрола“, независни извештаи и видеа укажуваат на тешки судири, употреба на огнено оружје и голем број повредени. Според некои извори, бројот на загинати би можел да биде значително поголем од официјално пријавениот.

Сè почестите прекини на интернет, заканувачките СМС-пораки до граѓаните и присуството на војската на улиците укажуваат дека Иран влегува во една од најтешките внатрешни кризи во последните децении.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни