Иран предложи нов план за Соединетите Американски Држави и нивните арапски соседи во Заливот со цел да ги забрза преговорите и да ги ублажи загриженоста за својот нуклеарен програм.
Планот, кој беше претставен од иранскиот министер за надворешни работи Абас Араќи во текот на четвртата рунда разговори со САД во Оман на 11 мај, предвидува формирање регионален нуклеарен конзорциум кој ќе вклучува Иран, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, со можност за вклучување на САД.
Бидејќи и иранските и американските официјални лица сè уште не се изјасниле за предлогот, деталите за конзорциумот се ограничени.
Што знаеме за предлогот?
Иранскиот дневен весник Khorasan, кој прв ја објави оваа вест, наведува дека предложениот конзорциум е замислен како средство за убедување на Западот и регионалните актери во иранската посветеност на нуклеарната транспарентност и безбедност, додека истовремено ќе му овозможи на Иран да ја задржи контролата врз својот нуклеарен развој преку меѓународна соработка.
Медиумите кои цитираат ирански официјални лица и извори запознаени со иницијативата наведуваат дека конзорциумот ќе му овозможи на Иран да продолжи со збогатување на ураниум, но исклучиво до ниски нивоа погодни за цивилна употреба – далеку под прагот потребен за производство на нуклеарно оружје.
Збогатениот ураниум потоа ќе се распределува на арапските земји учеснички за мирнодопска употреба. Клучна компонента на овој договор би била постојана присутност на претставници од партнерските земји, вклучувајќи можеби и САД, на терен за да се осигура транспарентност и усогласеност со договорот.
Овој предлог претставува значајно отстапување од претходните барања на Вашингтон, кој инсистираше Иран целосно да се откаже од капацитетите за збогатување ураниум и да ги демонтира клучните нуклеарни објекти.
Американските официјални лица сè уште не се изјасниле јавно за понудата, а не е јасно дали администрацијата на Доналд Трамп воопшто ќе го разгледа договорот кој дозволува било какво збогатување на иранско тло.
Иницијатива со потенцијал, но тежок за имплементација
Мехран Мостафави, академик и нуклеарен експерт со седиште во Франција, за Радио Фарда, иранската служба на Радио Слободна Европа, изјави дека оваа иницијатива има потенцијал, но дека ќе биде тешко да се реализира.
„Конзорциумот би можел значително да го намали ризикот од ширење на нуклеарното оружје на Блискиот Исток – под услов да учествуваат клучните регионални сили“, рече Мостафави.
„Меѓутоа, главниот проблем е дали на Исламската Република може да се верува“, додаде тој. „За да постои доверба, режимот мора да биде заснован на волјата на народот – а тоа во Иран го нема.“
Тој истакна и дека, иако формирањето на конзорциумот не е невозможно, недостигот на доверба во иранскиот политички систем го „поткопува“ неговото остварување.
Стара идеја во критичен момент
Идејата за конзорциум не е сосема нова.
Иран уште во 2008 година предложи формирање меѓународен конзорциум за да ги ублажи тензиите и прекине застојот во врска со својот нуклеарен програм.
Иницијативата тогаш не наиде на интерес од Западот, особено затоа што западните земји се противеа на било какво збогатување на ураниум на иранска територија.
Со оглед на тоа што европските сили закануваат со активирање на т.н. „snapback“ механизам од нуклеарниот договор од 2015 година – што би ги вратило санкциите на Обединетите нации против Иран ако не се постигне договор до крајот на јуни – Техеран се соочува со се помал простор за постигнување решение со Вашингтон.
Трамп оваа недела повтори желба за дипломатско решение за време на своето патување во Саудиска Арабија, но исто така предупреди дека Ирану му истекува време за да направи отстапки пред да се соочи со дополнителни економски притисоци.
Иран во последните две години се обидува да ги зајакне односите со Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати. Саудисците, кои развиваат сопствен цивилен нуклеарен програм со помош на Вашингтон, ја поддржаа американската иницијатива за преговори со Иран.
Некои аналитичари го гледаат предложениот конзорциум како можно средство за изградба на доверба кое би можело да отвори врата за пошироки регионални безбедносни преговори – но останува нејасно дали Вашингтон го гледа исто така.