Иранските медиуми блиски до властите јавуваат дека во најновите напади биле убиени ќерката, зетот и внукот на иранскиот врховен лидер Али Хамнеи.
Информацијата ја објави новинската агенција Fars News Agency, поврзана со Корпус на чувари на исламската револуција, повикувајќи се на „добро информирани извори“ од кабинетот на врховниот лидер. Се наведува дека во нападите наводно загинала и една од снаите на Хамнеи.
Сепак, иранските официјални власти сè уште немаат формално потврдено ниту една од овие информации, ниту пак има официјална потврда за наводната смрт на самиот врховен лидер.
Контроверзна објава на Трамп
Претходно, американскиот претседател Доналд Трамп објави дека Хамнеи е мртов, во изјава што предизвика силни реакции на меѓународната сцена.
Во објавата, Трамп наведе дека станува збор за „правда за народот на Иран и за жртвите ширум светот“, додавајќи дека операцијата била изведена во тесна координација со Израел и дека ќе продолжат „прецизни бомбардирања“ сè додека не се постигне, како што наведе, мир во регионот.
Тој исто така упати порака до припадниците на иранските безбедносни сили, повикувајќи ги да се приклучат на „ирaнските патриоти“.
Нејаснотии и конфузија
Претходно веќе се појавија информации за смрт на членови од семејството на Хамнеи, но тие беа демантирани. Засега нема независна потврда за најновите тврдења.
Во меѓувреме, профил поврзан со Хамнеи на социјалната мрежа X објави религиозна порака, што дополнително ја зголеми конфузијата околу неговата судбина
Регион на раб на ескалација
Објавите доаѓаат во момент на сериозна воена ескалација меѓу Соединетите Американски Држави, Израел и Иран, со напади и контранапади низ Блискиот Исток.
Доколку информациите се потврдат, тоа би претставувало драматичен пресврт во конфликтот и потенцијално би можело да предизвика уште поголема нестабилност во регионот.
Светската јавност сега очекува официјална потврда од Техеран.