Иран постави услови за крај на војната: бара меѓународни гаранции против идни напади

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан побара цврсти меѓународни гаранции против идна агресија, признавање на правата на Иран и исплата на репарации како услови за прекин на војната со Израел и САД.

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан постави услови за можен крај на војната со Израел и Соединетите Американски Држави, меѓу кои се „цврсти меѓународни гаранции“ што треба да обезбедат траен прекин на сите напади.

„Во разговор со лидерите на Русија и Пакистан повторно ја потврдив посветеноста на Иран кон мирот во регионот. Единствениот начин да се стави крај на оваа војна, која ја започнаа ционистичкиот режим и Соединетите Американски Држави, е признавање на легитимните права на Иран, исплата на репарации и цврсти меѓународни гаранции против идни агресии“, објави Пезешкијан на социјалната мрежа Икс.

Тој не прецизираше на кои права точно мисли. Набљудувачи на иранската внатрешна политика велат дека Пезешкијан можеби алудира на именувањето на нов врховен лидер и потребата од меѓународно признавање.

Американскиот претседател Доналд Трамп претходно оваа недела изјави дека „не е задоволен“ од именувањето на Моџтаба Хамнеи за нов верски лидер на Иран и шеф на државата. Тој предупреди дека синот на убиениот Али Хамнеи треба да очекува сериозни потешкотии.

„Не верувам дека ќе може да живее во мир“, рече Трамп.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни