Иран подготвил специјален план за одговор на американска копнена инвазија – ескалацијата добива нова димензија

Иранските власти, според медиумски извештаи, подготвиле нови воени директиви за можен американски копнен напад, со овластувања за самостојно дејствување на единиците и предупредувања за проширување на конфликтот во регионот.

Иранскиот режим издал нова директива со која вооружените сили се ставаат во состојба на зголемена подготвеност за можен американски копнен напад, како и за спречување саботажи и диверзантски операции во Техеран и поголемите градови. Според информациите, воените и безбедносните единици добиле овластување да дејствуваат самостојно, дури и без директни наредби од централната команда.

Во директивата, која според извештаи се повикува на врховни безбедносни структури во земјата, се наведува дека единиците мора да бидат целосно подготвени за заштита на чувствителни објекти и брза реакција во случај на интервенции на „непријателски елементи“ на терен. Овој пристап во дел од медиумите е опишан како политика на „оган по сопствена проценка“, што укажува на сценарија каде комуникацијата со централната команда би можела да биде нарушена.

Според истите извештаи, документот предвидува и можни сценарија на проширување на конфликтот, при што Иран наводно би можел да реагира и надвор од својата територија во случај на американски напад. Во тој контекст се споменуваат и чувствителни точки во регионот, вклучувајќи делови од Персискиот Залив.

Воени и безбедносни аналитичари проценуваат дека САД најверојатно не се подготвуваат за класична копнена инвазија, туку за ограничени и селективни операции, кои би вклучувале специјални единици и краткотрајна контрола на стратешки позиции во близина на важни поморски коридори како Ормускиот теснец.

Истовремено, расте загриженоста во Техеран за можни внатрешни немири и активности на вооружени групи, што дополнително ја комплицира безбедносната состојба во земјата. Според проценките, иранските власти стравуваат дека ескалацијата на конфликтот би можела да прерасне во урбано војување и поширока регионална нестабилност.

Додека дипломатските канали остануваат блокирани, се зголемува впечатокот дека двете страни се подготвуваат за најлош можен сценарио, во кое конфликтот би можел да премине во директна копнена фаза со сериозни последици за целиот регион.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни