Иран: Подготвени сме договорот со САД да се постигне што е можно побрзо

Иран најави подготвеност за брз договор со САД пред новата рунда преговори во Женева, додека тензиите околу нуклеарната програма и военото присуство на Блискиот Исток остануваат високи

Иран е подготвен да ги преземе сите неопходни чекори за да постигне договор со САД што е можно побрзо, изјави заменик-министерот за надворешни работ во пресрет на новата рунда преговори меѓу двете земји.

Разговорите треба да се одржат задутре во Женева, а според американски претставник, на средбата ќе учествуваат специјалните пратеници Стив Виткоф и Џаред Кушнер кои ќе се сретнат со иранската делегација. Преговорите се обновени претходно овој месец, во период кога Соединети Американски Држави го засилуваат своето воено присуство на Блискиот Исток, а Техеран предупреди дека ќе одговори доколку биде нападнат.

„Подготвени сме договорот да се постигне што е можно побрзо. Ќе направиме сè што е потребно за тоа да се реализира. Во преговарачката сала во Женева ќе влеземе со целосна искреност и добра волја“, изјави Такт-Раванчи, пренесоа иранските државни медиуми.

Тој додаде дека евентуален напад врз Иран би бил вистински ризик и дека земјата ќе одговори во согласност со своите одбранбени планови.

Спор околу збогатувањето ураниум

Главната точка на несогласување останува американското барање Иран да се откаже од збогатувањето ураниум на своја територија, што Вашингтон го смета за потенцијален пат кон создавање нуклеарно оружје. Иран постојано негира дека има намера да развие нуклеарна бомба и инсистира на своето право на „мирно нуклеарно збогатување“.

Минатиот јуни, САД му се придружија на Израел во нападите врз ирански нуклеарни локации, по што американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека клучните постројки биле „унишетни“. Сепак, според проценките, Иран и натаму поседува залихи на претходно збогатен ураниум.

Портпаролката на Белата куќа Каролин Левир изјави дека првиот избор на Трамп отсекогаш била дипломатијата, но дека, доколку биде потребно, тој е подготвен да употреби и сила.

Според ирански официјален претставник, Техеран сериозно разгледува можност половина од највисоко збогатениот ураниум да го испрати во странство, остатокот да го разреди и да учествува во создавање регионален конзорциум за збогатување. За возврат, Иран очекува американско признавање на правото на мирно нуклеарно збогатување и укинување на економските санкции.

Дали оваа нова дипломатска иницијатива ќе донесе конкретен пробив ќе стане појасно по средбата во Женева, која се одржува во услови на високи регионални тензии и засилено воено присуство на Блискиот Исток.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни