Главниот град на Иран, Техеран, во последните неколку дена е релативно мирен по бранот масовни протести, но безбедносните сили продолжуваат со апсења, пренесува Ројтерс.
Според сведочењата на неколку жители со кои разговарала агенцијата, веќе четири дена нема поголеми собири, иако над градот биле забележани дронови. Слична состојба е пријавена и во други делови од земјата, вклучително и северен Иран и регионот покрај Каспиското Море.
Интернетот речиси целосно прекинат
Групата за следење на интернет слободите „NetBlocks“ соопшти дека, по околу 200 часа речиси целосна блокада, е забележан само „многу благ пораст“ на интернет активноста –на околу два отсто од вообичаеното ниво.
Некои Иранци во странство изјавиле дека во саботата рано наутро накратко успеале да стапат во контакт со лица во земјата.
ХРАНА: Повеќе од 3.000 загинати во протестите
Американската организација за човекови права ХРАНА соопшти дека во протестите низ Иран загинале најмалку 3.090 луѓе, од кои 2.885 биле демонстранти.
Опозициски групи, како и еден ирански функционер, претходно навеле дека бројот на загинати надминува 2.000, оценувајќи дека станува збор за најтешките внатрешни немири во земјата од Исламската револуција во 1979 година.
Од економски протести до барања за смена на власта
Протестите избувнаа на 28 декември поради тешката економска состојба, а потоа прераснаа во масовни демонстрации со политички барања и повици за смена на власта. Насилството кулминираше кон крајот на минатата недела.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека иранските власти наводно се откажале од планирани масовни егзекуции на демонстранти, но Иран официјално не потврди дека такви егзекуции биле планирани, ниту дека биле откажани.
Странските државјани главно изолирани
Индиски студенти и аџии кои се вратиле од Иран изјавија дека за време на престојот главно биле затворени во своите сместувања и без можност за комуникација со семејствата.
Индиското Министерство за надворешни работи соопшти дека комерцијалните летови и понатаму се достапни и дека презема мерки за обезбедување на безбедноста на своите државјани.
