Иран нема да прифати примирје што би им овозможило на противниците повторно да се вооружат и да изведат нов напад, изјави заменик-министерот за надворешни работи за политички прашања Маџид Тахт Раванчи на средба со странски амбасадори и претставници на меѓународни организации во Техеран. Изјавата доаѓа во пресрет на најавените американско-ирански разговори во Исламабад, во момент кога примирјето останува кревко, а недовербата меѓу двете страни и натаму е длабока.
Според иранските медиуми, Раванчи рекол дека Техеран останува отворен за дипломатија и дијалог, но не и за разговори што би се темелеле на лажни информации или би служеле како вовед во нова воена агресија. Тој нагласил дека Иран јасно им порачал на посредниците и сојузниците дека нема да дозволи да се повтори сценарио во кое прекин на огнот би бил искористен само како пауза за нов напад.
Овој став се вклопува и во пошироката иранска позиција што деновиве ја пренесоа и Reuters и други медиуми. Според тие извештаи, Техеран веќе поставил предуслови за разговори за потраен мир, меѓу кои се прекин на американските удари, гаранции дека тие нема да се повторат и поширок договор што нема да се сведе само на привремено примирје.
Во основата на преговорите, според иранската страна, треба да биде иранскиот план во 10 точки. Reuters претходно објави дека Техеран преку посредници веќе одговорил на предлозите за прекин на огнот со поширока рамка што вклучува крај на војната, безбедност во Ормускиот Теснец, укинување санкции и долгорочни гаранции, а не само краток прекин на огнот.
Потпретседателот на Соединетите Американски Држави, Џеј-Ди Венс, денеска патува накај Исламабад за да ги води разговорите за посредништво со Иран откако американскиот претседател Доналд Трамп му ја довери задачата за решение за конфликтот.
На Венс, познат по својот скептицизам во врска со странските воени интервенции, ќе му се придружат и специјалниот претставник на Трамп, Стив Виткоф, и неговиот зет Џаред Кушнер, кои веќе учествуваа во три рунди индиректни разговори со иранските преговарачи, насочени кон решавање на загриженоста на САД во врска со нуклеарните и балистичките програми на Иран пред да започнат нападите на 28 февруари.