Еден од најважните светски поморски правци би можел да биде блокиран откако Иранската револуционерна гарда синоќа се закани дека ќе запали секој брод што ќе се обиде да помине низ Ормускиот теснец.
Техеран истовремено таргетира енергетски постројки низ Блискиот Исток, вклучително и најголемата саудиска рафинерија за нафта, постројка за течен природен гас во Катар и голема рафинерија во Кувајт.
Раст на цените на енергенсите
Ваквите изјави веќе влијаат врз пазарите, со раст на цените на нафтата и течниот природен гас. Ормускиот теснец е клучна точка за глобалната трговија со енергенси, бидејќи низ него минува речиси една петтина од светската потрошувачка на нафта.
Висок претставник на Иранската револуционерна гарда изјавил дека теснецот е затворен и дека Иран ќе ги „запали тие бродови“ ако некој се обиде да помине.
Кина повикува на прекин на воените операции
Можноста за затворање на овој поморски коридор може да предизвика тензии и со Кина, која е најголем светски увозник на сурова нафта и најголем купувач на иранска нафта.
На редовната прес-конференција во вторникот, портпарол на кинеското Министерство за надворешни работи изјави дека Кина ги повикува сите страни веднаш да ги прекинат воените операции, да спречат понатамошна ескалација на тензиите, да ја заштитат безбедноста на пловидбата низ Ормускиот теснец и да избегнат нанесување поголема штета врз глобалната економија.
Затворањето или ограничувањето на сообраќајот низ Ормускиот теснец би имало директно влијание врз глобалните енергетски пазари и врз цените на горивата, додека дипломатските реакции од големите светски сили се очекуваат во наредните денови.