Иран негира дека вториот пилот на Ф-15 е спасен

Иранската новинска агенција Тасним, повикувајќи се на врвни воени извори, тврди дека спасувачката операција не успеала и дека иранските сили уништиле неколку американски авиони

Иранските државни медиуми ги негираат тврдењата на американскиот претседател Доналд Трамп дека вториот член на екипажот на соборениот борбен авион Ф-15 е спасен, објави Си-Ен-Ен.

Трамп претходно објави дека пилотот е спасен во голема операција во која учествувале „десетици авиони вооружени со најмоќното оружје“, додавајќи дека е повреден, но дека ќе биде добро.

Иран: Уништивме американски беспилотни летала

Иранската новинска агенција Тасним, повикувајќи се на врвни воени извори, тврди дека спасувачката операција не успеала и дека иранските сили уништиле неколку американски авиони во јужната покраина Исфахан. „Неколку непријателски американски авиони беа уништени од исламски борци, а спасувачката операција на пилотите не успеа“, објави Тасним.

Тие додаваат дека биле погодени „два хеликоптери „Блек Хок“ и еден воен транспортен авион Ц-130“, кои, како што тврдат, биле запалени.

Иранските медиуми, исто така, објавија снимки на кои наводно се гледаат остатоците од авионот. Би-Би-Си објави дека американските сили самите уништиле два транспортни авиони за време на спасувачката операција бидејќи не можеле да полетаат и не сакале да паднат во ирански раце.

Обвинувања против Трамп

Тасним, исто така, тврди дека Трамп се обидува да го прикрие неуспехот на операцијата. „Трамп, обидувајќи се да прикрие тежок пораз, објави дека пилотот бил спасен во специјална операција“, соопшти агенцијата.

Претседателот на иранскиот парламент, Мохамед Багер Галибаф, исто така, коментираше за ситуацијата, објавувајќи една од фотографиите со пораката: „Ако САД постигнат уште три вакви победи, ќе бидат целосно уништени“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни