Секој брод што ќе сака да помине низ Ормускиот теснец ќе мора да плати такса, изјави претседателот на Комисијата за национална безбедност и надворешна политика на иранскиот парламент, Ебрахим Азизи. Азизи нагласи дека владата на Иран треба да воспостави систем за управување и контрола врз Ормускиот теснец и Персискиот Залив, при што секое пловило што влегува во зоната, врз основа на иранските национални интереси – ќе биде обврзано да плати надомест за транзит.
„Секој брод што сака да влезе мора да плати такса“, изјави Азизи во интервју за руската телевизија „РТ“.
Тој додаде дека Соединетите Американски Држави имаат поголема потреба од мировен договор отколку Иран, истовремено нагласувајќи дека Техеран нема доверба во Вашингтон.
Изјавата доаѓа по неодамнешните преговори меѓу делегациите на Иран и САД во Исламабад, кои следуваа по најавениот договор за двонеделен прекин на огнот помеѓу двете страни, објавен од американскиот претседател Доналд Трамп.
И покрај очекувањата, американскиот потпретседател Џејмс Дејвид Венс, кој ја предводеше американската преговарачка делегација, соопшти дека разговорите не резултирале со договор.
Во меѓувреме, „Блумберг“ извести, повикувајќи се на системи за следење на бродскиот сообраќај, дека по неуспехот на преговорите дошло до промени во движењето на неколку големи танкери. Нафтениот танкер „Агиос Фануриос I“, кој се движел кон Ирак, како и бродот „Шалaмар“ под пакистанско знаме, кој пловел кон Обединетите Арапски Емирати, го промениле курсот.
Третиот брод, „Момбаса Б“ од класата „Афрамакс“, продолжил со пловидбата без промена на рутата.
Аналитичарите оценуваат дека ваквите потези дополнително ја зголемуваат неизвесноста околу стабилноста на една од најважните светски поморски рути, преку која поминува значителен дел од глобалната нафта.