Иранските безбедносни сили уапсиле најмалку 50.000 лица во изминатиот месец по насилното задушување на масовните протести, соопштија организации за човекови права, кои тврдат дека илјадници луѓе загинале, а десетици се осудени на смрт.
Според организациите, меѓу приведените има студенти, лекари, адвокати, активисти за човекови права и малолетници. Дел од притворените се држат на непознати локации, без пристап до адвокат или контакт со семејството.
Иранската влада соопшти дека во протестите од 8 и 9 јануари загинале нешто повеќе од 3.000 лица.
Организациите за човекови права, повикувајќи се на болнички податоци, медицински извори и сведоштва од семејства, проценуваат дека бројот на загинати може да достигне 30.000, а според некои извештаи и до 43.000.
Протестите започнаа кон крајот на декември поради економската состојба, а подоцна прераснаа во пошироки антивладини демонстрации. На 8 јануари властите воведоа целосно исклучување на интернетот на национално ниво, кое траеше 18 дена, со дополнителни прекини и по тој период.
Организацијата Iran Human Rights (IHRNGO), со седиште во Норвешка, соопшти дека најмалку 26 демонстранти биле осудени на смрт во изминатиот месец. Стотици други, вклучително и деца, се соочуваат со обвиненија што може да резултираат со смртна казна.
Според наводите, дел од пресудите биле донесени врз основа на признанија добиени под тортура, без почитување на правичната постапка. Повеќе од 30 лица биле егзекутирани во иранските затвори само оваа недела, според податоци на Иранското здружение за човекови права.
Организацијата HRANA објави дека државните медиуми емитувале 337 случаи на присилни признанија, а повеќе од 11.000 лица биле повикани на разговор во безбедносните служби во врска со протестите.
Иранското судство соопшти дека започнало со конфискација на имот на лица кои ги поддржале протестите. Во неколку провинции обвинителствата најавиле одземање на имот на истакнати поединци и бизнисмени кои, според нив, ги поттикнувале младите на немири.
Според извештаите, дел од семејствата на притворените биле условени да учествуваат на државни собири и да достават докази за присуство како услов за добивање кауција.
И покрај мерките, студентските протести продолжуваат, а антивладини пораки се слушаат во повеќе градови, наведуваат организациите за човекови права.
Засега нема официјална реакција од иранските власти на наводите за масовни егзекуции и присилни признанија. Организациите за човекови права повикуваат на меѓународна истрага и зголемен притисок врз Техеран.