Иран ќе ги обнови сите нуклеарни постројки за кои САД тврдат дека биле уништени

Претседателот на Иран, Масуд Пежешкијан, изјави дека неговата земја ќе ги обнови сите нуклеарни објекти кои, според тврдењата на САД и Израел, биле уништени во нападите извршени во јуни годинава.

„Уништувањето на зградите нема да нè натера да се откажеме. Ќе ги обновуваме и повторно ќе ги изградиме со уште поголема сила,“ изјави Пежешкијан при посетата на седиштето на Организацијата за атомска енергија на Иран.

Техеран и Вашингтон започнаа преговори за иранската нуклеарна програма уште во април, под посредништво на Оман. Разговорите, меѓутоа, беа прекинати по израелскиот напад на 13 јуни, кој предизвика дванаесетдневен вооружен конфликт во кој Израел имаше поддршка од САД.

Американскиот претседател Доналд Трамп повеќе пати изјави дека иранските нуклеарни локации се „целосно уништени“, но обемот на штетата сè уште не е потврден. Врховниот лидер на Иран, ајатолах Али Хамнеи, пак, на тоа одговори дека Трамп „сонува ако мисли дека ја уништил иранската нуклеарна инфраструктура“.

Оман, кој беше домаќин на неколку рунди преговори меѓу САД и Иран, вчера ги повика двете страни повторно да го продолжат дијалогот.

Западните земји и Израел долго време се сомневаат дека Иран има намера да развие атомско оружје, додека Техеран тоа категорично го негира, тврдејќи дека нуклеарната технологија ја развива исклучиво за мирољубиви цели.

Извор: N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни