Иранската Исламска револуционерна гарда (ИРГЦ) ја разгледува можноста за потенцијални активности поврзани со кампот на организацијата Муџахедини на народот (МЕК) во Албанија, објавија дел од албанските медиуми, повикувајќи се на странски извори.
Според наводите, станува збор за комплексот „Ашраф-3“ во селото Манза, во близина на Драч, каде од 2013 година се сместени над 3.000 членови на МЕК. Техеран го смета објектот за поврзан со, како што наведува, „непријателски активности“.
Одредени извори тврдат дека Иран во последниот период го проширува својот безбедносен и оперативен опсег, алудирајќи на претходни напади врз цели надвор од својата непосредна географска зона.
Кој е МЕК?
МЕК е иранско опозициско движење основано во 1965 година. Во минатото изведувало вооружени акции против режимот на шахот Мохамед Реза Пахлави, а подоцна и против исламската власт предводена од ајатолахот Хомеини. Во 1980-тите делувало од Ирак со поддршка од режимот на Садам Хусеин, што и денес е чувствителна тема во Иран.
САД ја прогласија МЕК за терористичка организација во 1997 година, но во 2012 година ја отстранија од листата, наведувајќи дека групата се откажала од насилство и ги затворила своите паравоени кампови.
Односите Албанија – Иран
Албанија, по барање на САД, во периодот од 2013 до 2016 година прифати повеќе од 3.000 членови на МЕК од Ирак.
Во септември 2022 година, Тирана ги прекина дипломатските односи со Иран, обвинувајќи го за масовен сајбернапад врз албански државни институции. Премиерот Еди Рама тогаш изјави дека постојат „неоспорни докази“ за вмешаност на Иран.
Засега нема официјална реакција од албанските власти во врска со наводните закани.