Нова ескалација на конфликтот на Блискиот Исток се случи во текот на ноќта, кога Иран започна нов бран напади во деветтиот ден од војната. Нападнати беа цели во Кувајт, а сирени за воздушна опасност се огласија и во Обединетите Арапски Емирати.
Кувајтската војска соопшти дека неколку цивилни објекти биле оштетени откако системите за противвоздушна одбрана пресретнале беспилотни летала. Според Министерството за одбрана, дел од штетата е предизвикана од остатоци и шрапнели кои паднале за време на пресретнувањето.
Локалните медиуми објавија снимки од голем пожар во облакодер во Кувајт Сити. Пожари избувнале и во резервоари за гориво на Меѓународниот аеродром во Кувајт, кои според властите биле директно погодени со дрон. Нападната била и зградата на државната агенција за социјално осигурување во главниот град.
Кувајтската армија соопшти дека воздушните сили продолжуваат да ги пресретнуваат непријателските цели, додека граѓаните се повикани строго да ги почитуваат безбедносните мерки.
Во меѓувреме, во норвешката престолнина Осло одекна експлозија во близина на американската амбасада. Норвешката полиција соопшти дека експлозијата се случила околу еден час по полноќ и предизвикала помала материјална штета на влезот на конзуларниот оддел. Според првичните информации, нема повредени лица, а полицијата трага по можни осомничени.
Истовремено, на социјалните мрежи се појавија снимки од експлозии и огнени топки над Техеран. Израелските одбранбени сили претходно соопштија дека погодиле неколку складишта за гориво во иранската престолнина.
Сирени за опасност се огласија и во Обединетите Арапски Емирати, каде властите ги повикаа граѓаните да се засолнат поради можни ракетни напади.
Во текот на ноќта експлозии се слушале и во јужните делови на Бејрут, каде што израелските сили продолжуваат со напади врз позиции поврзани со Хезболах.