Војната на Блискиот Исток влезе во десеттиот ден, а Иран го изведе првиот бран напади откако за нов врховен лидер беше именуван Мојтаба Хамнеи. Во меѓувреме, конфликтот продолжува да се шири низ регионот, додека цените на нафтата бележат драматичен раст каков што не е забележан во последните шест години.
Според последните информации, најтешкиот напад се случил во Бахреин, каде што ирански дрон погодил населена област во квартот Ситра. Најмалку 32 лица се повредени, меѓу нив и деца, а дел од ранетите се во тешка состојба.
Утрово беа пријавени нови напади на повеќе локации во регионот. Израелската армија соопшти дека започнала нов бран воздушни удари врз цели во централниот дел на Иран, само неколку часа по назначувањето на новиот врховен лидер.
Истовремено, Израел нападнал и цели поврзани со Хезболах во Бејрут. Според снимки од теренот, се гледа густ чад над јужните предградија на градот, а во израелски напад бил погоден и хотел во либанската престолнина.
Експлозии утрово се слушнале и во Обединетите Арапски Емирати. Тамошното министерство за одбрана соопшти дека противвоздушната одбрана пресретнала балистички ракети, додека борбени авиони уништиле дронови и крстосувачки ракети.
Во Саудиска Арабија, четири дрона кои летале кон нафтеното поле Шајбах – едно од најголемите во регионот – биле пресретнати и уништени во пустината Руб ал Кали.
Кувајтската Национална гарда соопшти дека соборила дрон во близина на еден од објектите под нејзина заштита, додека вооружените сили на Катар објавија дека пресретнале ракетен напад.
Во Иран, властите ги повикаа граѓаните денеска да се соберат низ земјата и да положат заклетва за верност кон новиот врховен лидер Мојтаба Хамнеи. Главниот собир во Техеран треба да се одржи на плоштадот Енгелаб.
Во меѓувреме, растот на цените на нафтата предизвикан од ескалацијата на конфликтот ги вознемири светските пазари. Поради стравувањата од нарушување на снабдувањето со енергенси, неколку држави веќе преземаат итни мерки.
Јужна Кореја, која речиси целосно зависи од увоз на енергенси, најави дека за првпат по речиси 30 години ќе воведе ограничување на цените на горивото за да ги заштити потрошувачите од наглото поскапување.