Иранскиот Врховен суд помилува две новинарки кои ја разоткрија смртта на младата Махша Амини во полициски притвор, што доведе до протести низ целата земја во 2022 година, објави иранската новинска агенција Мизан, пренесува Н1.
Во октомври 2023 година, иранскиот револуционерен суд ги осуди Нилофар Хамеди на 13 и Елахе Мохамади на 12 години затвор за нивното известување за смртта на Махша Амини која беше приведена од полицијата за морал поради наводно кршење на строгите правила за облекување.
„Откако врховниот водач ајатолахот Али Хаменеи ја одобри листата за помилување подготвена од претставник на судството, овие лица беа помилувани“, објави Мизан, додавајќи дека помилувањата биле одобрени на 46-годишнината од Иранската револуција во 1979 година.
И двете новинарки беа привремено ослободени минатата година по 17 месеци затвор, а подоцна беа ослободени по жалба од обвиненијата за „соработка со Соединетите Американски Држави“.
Другите обвиненија како „заговор против националната безбедност“ и „пропаганда против режимот“ останаа, но сега се отстранети со помилувањето, а правната постапка против новинарките е завршена.
Протестите по смртта на Амини доведоа до најлошите немири во Иран од револуцијата. Властите ги обвинија САД за поттикнување на демонстрациите, а Вашингтон негира.