Каде е врховниот лидер на Иран и кој ја води воената стратегија?

Иако јавноста не го видела новиот врховен лидер на Иран, аналитичарите истакнуваат дека влијанието на моќната Иранска револуционерна гарда и нејзините структури може да го водат воениот курс на земјата.

Помина една недела откако Иран го именуваше Мојтеба Хаменеј за нов врховен лидер, но јавноста сѐ уште не го видела. Аналитичарите сметаат дека јавната појава можеби не е пресудна. Клучно е дали функционираат институциите под него, особено моќната Иранска револуционерна гарда (IRGC), која може да ја управува воената стратегија на земјата без оглед на присуството на лидерот.

Што е Иранска револуционерна гарда?

IRGC е елитна гранка на иранските вооружени сили формирана по Исламската револуција во 1979 година како паралелна безбедносна структура на редовната армија. Нивната првична задача била заштита на револуционерната власт и политичкото раководство, но со текот на времето се развила во организација што аналитичарите ја нарекуваат своевидна „длабока држава“.

Гарда има силно влијание во безбедносниот апарат и создаде огромен бизнис империум, со интереси во градежништво, телекомуникации, автомобилска индустрија и енергетика.

Политичко и економско влијание

Командантот на IRGC директно одговара пред врховниот лидер на Иран. Една од подструктурите на гарда, Басидж, учествувала во 2009 година во гушењето на антивладините протести и ја зацврстила власта на тогашниот тврдолиниски претседател Махмуд Ахмадинеџад.

Во 2019 година, администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ја прогласи IRGC за терористичка организација. Потоа Иранското врховно советодавно тело за национална безбедност ја прогласи САД за „државен спонзор на тероризмот“, а американските сили во регионот ги означи како терористички групи.

Американските сојузници на Блискиот Исток исто така ја сметаат Револуционерната гарда за сериозна безбедносна закана. Бахреин и Саудиска Арабија ја вклучија на листата терористички организации во 2018 година, а Европската унија го стори тоа оваа година поради насилното гушење на антивладините протести во Иран.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни