По американското бомбардирање на три нуклеарни постројки во Иран, парламентот во Техеран изгласа затворање на Ормускиот теснец, низ кој минуваат околу 20 отсто од светската нафта.
Ормускиот теснец е тесен поморски премин помеѓу Иран и Оман и претставува критична артерија за глобалната економија. Овој теснец го поврзува Персискиот залив со Арапското Море и Индијскиот Океан, овозможувајќи транспорт на нафта од пристаништата во Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Кувајт и Ирак кон светските пазари.
Блокадата на Ормускиот теснец би значела прекин на испораката на нафта особено за Азија, Европа и Северна Америка, што би предизвикало нагло зголемување на цената на нафтата (според некои проценки над 100 долари по барел, а некои дури и до 200 долари).
Таквото поскапување би предизвикало раст на инфлацијата ширум светот, потенцијално пад на економскиот раст и пореметување во синџирите на снабдување.
Земјите зависни од увоз на нафта, како Кина, Индија, Јапонија и голем дел од Европа, би биле особено погодени, бидејќи трошоците за енергенти би им се зголемиле, а конкурентноста на глобалниот пазар би им опаднала.
Исто така, регионалните сојузници на САД, како Саудиска Арабија и ОАЕ, би претрпеле големи загуби, бидејќи нивниот извоз на нафта би се намалил, што дополнително би ја дестабилизирало регионот.
Колку е Иран способен да го блокира теснецот?
Со оглед на тоа што Иран сам го користи овој теснец за извоз на својата нафта кон Кина (дури 90 отсто од вкупниот извоз), се поставува прашањето колку е решен да спроведе блокада, покрај денешната одлука на парламентот во Техеран.
Прашање е и колку Иран навистина е способен сериозно да го блокира Ормускиот теснец.
Иран би можел да се обиде да постави мини во теснецот, кој на својот најуж дел е широк 55 километри. Војската или Револуционерната гарда на Иран (IRGC) исто така би можеле да се обидат да нападнат или запленат бродови во Персискиот залив, што го направија неколку пати во последните години, пишува Reuters и проценува дека Техеран е способен да ја реализира заканата.
Иако Ормус никогаш не бил целосно блокиран, неколку пати бил нарушен.
За време на иранско-ирачката војна во 1980-тите, двете страни учествуваа во таканаречените „тенкерски војни“ во Заливот. Ирак ги нападна иранските бродови, а Иран ги напаѓаше комерцијалните бродови, вклучувајќи и саудиски и кувајтски танкери за нафта, па дури и бродови на американската морнарица.
По апелот на Кувајт, тогашниот претседател на САД, Роналд Реган, распоредил морнарица меѓу 1987 и 1988 година за да ги заштити конвојите на танкери, операцијата наречена „Искрена волја“.
Таа заврши откако американски воен брод собори лет 655 на компанијата „Ер Иран“, при што загинаа сите 290 патници.
Тензии во теснецот повторно се зајакнаа крајот на 2007 година во низа судири меѓу иранската и американската морнарица, вклучувајќи инцидент во кој ирански глисери се приближија до американските воени бродови, иако не беше испукан ниту еден куршум.
Во април 2023, иранските сили запленија танкер за транспорт на сурова нафта „Advantage Sweet“, кој го користеше американскиот „Шеврон“, во Оманскиот залив. Бродот беше ослободен повеќе од една година подоцна.
Иранските нарушувања на морскиот сообраќај преку Персискиот залив не се без преседан, но секој обид би наишол на брз и силен одговор од американската морнарица, што би ја ограничило можноста за долготраен шок во снабдувањето, наведува Reuters.
Историјата покажала дека сериозните нарушувања во глобалното снабдување со нафта обично биле краткотрајни.
Ирачката инвазија на соседен Кувајт во август 1991 доведе до дуплирање на цената на сурова нафта Брент на 40 долари по барел до средината на октомври. Цените се вратија на нивото пред инвазијата до јануари 1992, кога коалицијата предводена од САД ја започна операцијата „Пустинска бура“, што доведе до ослободување на Кувајт следниот месец.
Американската инвазија на Ирак од март до мај 2003 имаше уште помал влијание. Зголемувањето од 46 отсто пред војната, помеѓу ноември 2002 и март 2003, брзо се врати во деновите пред почетокот на воената кампања предводена од САД.
Слично, руската инвазија на Украина во февруари 2022 предизвика нагло поскапување на нафтата на 130 долари по барел, но цените се вратија на 95 долари до средината на август.
Овие релативно брзи промени во цените на нафтата главно беа последица на достапните големи производствени капацитети и фактот што високата цена ја намали побарувачката, објаснува Тамаш Варга, аналитичар во нафтената брокерска куќа PVM.
Глобалните пазари на нафта исто така доживеаја шок за време на арапскиот нафтен ембарго во 1973 и по Иранската револуција во 1979, кога нападите врз нафтените полиња сериозно го нарушија производството. Но, тогаш немаше блокада на Ормус и не се случи директен воен одговор од САД.