Интриги, генерали и тајни гласања: Како Моџтаба Хамнеи стана нов врховен лидер на Иран

Подемот на Моџтаба Хамнеи на позицијата врховен лидер на Иран на прв поглед изгледаше како однапред одреден. Но зад неговото доаѓање на власт стоеше жестока и драматична борба за наследството на власта во Исламската Република.

Процесот што следеше по смртта на долгогодишниот лидер ајатолах Али Хамнеи се претвори во вистинска политичка „Игра на престоли“: празен трон, моќни клеричари, воени генерали и ривалство меѓу влијателни политички струи.

Во нормални околности изборот на трет врховен лидер на Иран, човек кој има врховна власт над политиката, државата и вооружените сили – би бил сложен процес. Но овојпат се случуваше во услови на војна со Соединетите Американски Држави и Израел, додека бомби паѓаа врз ирански цели.

Ајатолахот Али Хамнеи, кој владееше со Иран од 1989 година, загина на 28 февруари во воздушните напади на почетокот на војната. Неговата смрт ја отвори најголемата политичка борба за власт во земјата во последните децении.

Тајни состаноци на клериците

Телото задолжено за избор на врховниот лидер – Собранието на експерти, кое брои 88 високи шиитски клерика – на 3 март одржа таен онлајн состанок за да го започне процесот на избор.

Истиот ден Израел го бомбардираше седиштето на собранието во градот Ком, религиозен центар во кој живеат и предаваат многу шиитски свештеници. Во нападот загина дел од административниот персонал.

Додека клериците расправаа за кандидатите, во Техеран се водеше жестока политичка битка меѓу две струи: тврдолинијаши, кои бараа продолжување на политиката на Али Хамнеи и конфронтација со Западот и умерени политичари, кои сакаа ново лице и намалување на тензиите со САД

Генералите зад Моџтаба Хамнеи

Моџтаба Хамнеи имаше силна поддршка од Корпусот на чуварите на Исламската револуција, елитната воена сила на Иран.

Меѓу неговите најважни сојузници беа: генерал Ахмад Вахиди, нов врховен командант на Револуционерната гарда, генерал Мохамад Али Азиз Џафари, воен стратег во тековната војна, генерал Мохамад Багер Галибаф, претседател на парламентот и поранешен командант на гардата и Хосеин Таеб, поранешен шеф на разузнавачката служба на гардата

Од друга страна, против неговиот избор се изјаснија неколку влијателни политичари.

Меѓу нив беше Али Лариџани, шеф на Врховниот совет за национална безбедност, кој предупреди дека на Иран му е потребен умерен лидер што ќе ја обедини земјата.

Кандидати на умерениот блок

Умерените политичари предложија неколку други можни кандидати, меѓу кои поранешниот претседател Хасан Рохани, кој го водеше нуклеарниот договор со САД во 2015 година, Хасан Хомеини, внук на основачот на Исламската Република ајатолах Рухолах Хомеини и религиозниот научник Алиреза Арафи, предложен како компромисно решение

Но во атмосфера на војна и силен гнев кон американскиот претседател Доналд Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, мнозинството клерици се наклонија кон тврдата линија.

Првото гласање

Во првиот круг на гласање на 3 март, Моџтаба Хамнеи доби двотретинско мнозинство – знак дека Револуционерната гарда има силно влијание врз процесот.

Но објавувањето на резултатот беше одложено.

Али Лариџани предупреди дека јавното објавување на изборот може да го загрози животот на новиот лидер, бидејќи Израел и САД се заканиле дека ќе го елиминираат секој наследник на Хамнеи.

Последна битка за одлуката

Одложувањето им даде последна шанса на умерените да се обидат да го поништат гласањето.

Тие тврдеа дека изборот е неважечки бидејќи уставот бара гласањето да се одржи лично, а не онлајн.

Во меѓувреме, двајца блиски соработници на покојниот лидер сведочеа дека Али Хамнеи наводно не сакал неговиот син да го наследи.

Според нив, тој оставил и писмен тестамент во кој предупредил дека наследувањето во семејството би било спротивно на духот на Исламската револуција од 1979 година, која ја укина монархијата во Иран.

Одлучувачката интервенција на генералите

Но генерали од Револуционерната гарда, незадоволни од политичките маневри, извршија силен притисок врз членовите на Собранието на експерти да го потврдат изборот.

На 8 март беше одржано ново гласање. Секој клерик напиша име на лист хартија, го стави во коверт и го запечати со восок, по што курири ги доставија гласовите до комисијата.

Моџтаба Хамнеи доби 59 од 88 гласа – доволно за убедливо двотретинско мнозинство.

Непосредно пред полноќ државните медиуми објавија дека Иран добил нов врховен лидер.

Иако дел од политичарите се обидоа да го спречат неговиот избор, иранскиот државен естаблишмент на крајот јавно застана зад Моџтаба Хамнеи, кој сè уште не се појавил во јавноста по преземањето на функцијата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни