Интердисциплинарни проекти на пауза

Министерството за култура и туризам распиша годишни конкурси за поддршка на проекти од национален интерес во културата за 2025 година, но изостави неколку дејности, меѓу кои и Интердисциплинарната и Креативните индустрии. Како што изјави министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, ќе биде распишан посебен конкурс за Креативните индустрии, бидејќи тие се вклучени во Законот за култура. Сепак, за Интердисциплинарната дејност ќе се одлучува дополнително, затоа што, според Љутков, таа била незаконски вклучена во конкурсите додека министер беше Роберт Алаѓозовски.

Во врска со новините околу годишните конкурси и ревизијата на интердисциплинарните дејности, се обративме кај дел од културните работници кои се директно засегнати од оваа промена во политиките на Министерството за култура. Голем дел од нив, избегнаа да кажат свој став иако се директно засегнати.

Интердисциплинарните дејности спојуваат повеќе културни дејности (драмска, визулени уметности, издаваштво…) во еден проект и се освежување во културниот живот, а речиси по правило се во доменот на независната културна сцена. Овие проекти неретко се критички осврт кон состојбите во културата и општеството воопшто, а сега губат голем дел од изворите за финансирање кои им неа достапни изминативе години.

Ѓорѓе Јовановиќ: Интердисциплинарните проекти треба да продолжат за развој на културата

Ѓорѓе Јовановиќ, претседател на Јадро Центарот, ја истакнува важноста на интердисциплинарните проекти и нивниот придонес кон развојот на културната сцена во Македонија. Според него, воведувањето на новата програма за интердисциплинарни проекти на годишниот конкурс на Министерството за култура отвори нови перспективи за културните работници, особено за уметниците од независната сцена, и резултира со позитивни резултати.

„Многу прогресивни идеи и концепти го најдоа своето место преку интердисциплинарните проекти,“ вели Јовановиќ, додавајќи дека оваа поддршка беше клучна за реализација на комплексни и иновативни програми. Јадро Центарот ја искористи оваа можност да организира едукативни и креативни работилници за младите автори.

Јовановиќ изразува загриженост за најавеното тргање на интердисциплинарните проекти од годишните конкурси, но се надева дека Министерството ќе создаде нов конкурс до крајот на годината кој ќе продолжи да ги поддржува овие значајни иницијативи.

Биљана Тануровска-Ќулавковски: Интердисциплинарните проекти го освежуваат полето на уметноста

Биљана Тануровска-Ќулавковски, програмски уредник и основач на Локомотива, исто така ја нагласува значајноста на интердисциплинарните проекти за културната сцена. Таа е критична кон недостатокот на финансиска поддршка, но истакнува дека овие програми се важни за напредокот на културата и уметноста, особено за оние кои излегуваат од традиционалните рамки.

„Иако средствата беа ограничени, тие проекти донесоа новини и критичко промислување во уметноста,“ вели Тануровска-Ќулавковски, додавајќи дека ревизијата на овие програми е можност за нови финансиски механизми кои ќе ги поддржат прогресивните проекти.

Таа ја истакнува потребата Министерството за култура да продолжи да поддржува вакви иницијативи, бидејќи тие се клучни за децентрализацијата и развојот на културната сцена во Македонија.

Претставници на „Јадро“ неодамна се сретнаа со претставници од Министерството за култура и туризам, каде што им беше посочено дека ќе се спроведе ревизија на програмите. Притоа, им беше кажано дека ќе се отвори посебен повик за интердисциплинарни проекти. „Ние очекуваме овој повик да се реализира како посебна програма, бидејќи веруваме дека она што е успешно започнато и носи развој, прогресија и нови идеи, треба да продолжи. Истиот модел го следат нашите колеги со кои соработуваме, и се надеваме дека и нам ќе ни биде овозможено да продолжиме да работиме. Тоа е наше човечко и професионално право“, поентира Биљана.

Интердисциплинарните проекти се клучни за развојот на културната и уметничката сцена во Македонија. Јадро Центарот и Локомотива, како и многу други организации, веруваат дека овие проекти треба да продолжат да се поддржуваат како дел од годишните програми на Министерството за култура, бидејќи тие носат иновации, критичко размислување и развој.

Останува на Министерството за култура да донесе конечна одлука дали и како овој дел од културното творештво во Македонија ќе биде поддржан, или не.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни