Утре во 20.30 часот во Националната галерија, објект Чифте амам, ќе се отвори и промовираме за македонската јавност – македонскиот павилјон на 60. меѓународна ликовна изложба при Венециското биенале 2024, т.е. проектот Inter Spem et Metum на уметничката Славица Јанешлиева.
Како потсетување: трансмедијалниот и транснаративен проект INTER SPEM ET METUM на Славица Јанешлиева претставува визуелно прочистена и концептуално осмислена просторна инсталација која не флра во цивилизацискиот дебрис на еден мошне сензитивен и бајковит начин.
Низ повеќедимензионални медиумски платформи и материјали, како пердуви, лед-неонски натписи, проекции, огледала, Јанешлиева не впушта во неколку концептуално-наратолошки матрици каде не соочува со чувството да си странец и тоа оној кој е насекаде, во мене, во тебе, во нив, во нас.
Поточно таа не соочува со прифаќањето или неприфаќањето на одвоените кфалификативи од оние на мноштвото, без оглед дали различноста се базира на полот, сексуалната определба, изгледот, појавата, однесувањето, болест, националност, религија, јазик, политичко убедување… Не соочува и со чувството на самостигматизација, автоцензура, самокритика, заради наметнатите очекувања.
Сепак, да се биде различен носи потенцијал и за трансформација. Исто како и во природната селекција, мутацијата ја зголемува веројатноста дека ќе се случи или неуспех во адаптацијата или дека се појавила нова варијанта која е посупериорна од она што било претходно. Или некој би можел да ја објасни трансформативната моќ на различното како што произлегува од психолошката болка и страдање кои се различни причини од кои може да се црпи инспирација и мотивација за издигнување над осудата и острацизмот што различноста од другите ги предизвикува.
Проектот ќе биде поставен во Чифте амам до 31 јули, а куратор на проектот е д-р Ана Франговска.