Инфлуенсерите го отфрлаат Правилникот на АВМУ и предлагаат нов Кодекс според европски модел

Здружението бара повлекување на спорните акти и отворање дијалог за саморегулација и ко-регулација во дигиталниот простор

Здружението на инфлуенсери и креатори на дигитални содржини соопшти дека во целост ги отфрла Правилникот и Водичот донесени од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), оценувајќи дека тие се надвор од законските рамки и не соодветствуваат на реалноста на дигиталниот простор.

Во соопштението, Здружението наведува дека предложените акти не нудат системско решение за транспарентноста и одговорноста во интернет комуникацијата, туку отвораат простор за правна несигурност и различни толкувања. Според нив, наместо уредување на областа, документите создаваат ризик од селективна примена и ограничување на креативната слобода, без јасна законска основа и без претходна широка консултација со засегнатите страни.

Инфлуенсерите нагласуваат дека не бегаат од одговорност и дека редовно плаќаат данок во Македонија, отфрлајќи ги, како што велат, невистините што се ширеле во медиумите во изминатиот период. Тие додаваат дека ја поддржуваат потребата од транспарентност, јасно означување на комерцијалните содржини и почитување на етичките стандарди, но сметаат дека овие прашања треба да се уредуваат преку инклузивен процес и решенија усогласени со законите и европските практики.

Според Здружението, изработена е европска анализа за начинот на кој прашањето на инфлуенсер маркетингот е регулирано во земјите членки на Европската Унија. Врз основа на таа анализа, до министерот за дигитална трансформација бил доставен предлог за донесување Кодекс кој ќе се темели на принципите на саморегулација и ко-регулација. Во повеќето држави членки, како што посочуваат, оваа област се уредува преку јасни насоки за означување на спонзорирана содржина, едукација и соработка меѓу индустријата и институциите, наместо преку рестриктивни подзаконски акти.

Предложениот Кодекс, според соопштението, има цел да воспостави јасни и пропорционални правила што ќе обезбедат заштита на јавниот интерес, особено на потрошувачите и малолетниците, а истовремено ќе ја почитуваат слободата на изразување и спецификите на дигиталната економија.

Здружението ги повикува институциите да го повлечат Правилникот и Водичот и да отпочнат отворен и транспарентен дијалог со сите релевантни чинители, со цел изнаоѓање решение што ќе донесе правна сигурност и стабилна рамка за развој на дигиталната комуникација во Македонија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни