Индустрискиот отпад се претвора во карпа во период што се мери во децении, многу побрзо отколку милионите години што претходно се сметаше дека се потребни за природно формирање на карпи, покажува едно истражување.
Алуминиумска лименка за пијалок произведена по 1989 година и монета од 1934 година пронајдени вградени во карпа на брегот на Камбрија се меѓу предметите што им помогнале на научниците да разберат колку брзо може да се одвива овој процес.
Истражувачите документирале нов „брз антропокластичен циклус на карпи“, кој ги имитира природните карпести циклуси, но вклучува човечки материјали во забрзани временски рамки.
Тие предупредуваат дека брзиот и непланиран развој на карпи околу депонии со индустриски отпад може да има негативно влијание врз биодиверзитетот и екосистемите, како и врз планирањето на земјиштето и управувањето со крајбрежјето.
Нивните наоди потекнуваат од анализа на двокилометарски појас со отпаден материјал во Дервент Хау, Западна Камбрија, каде што во 19 и 20 век работеле железни и челични ливници.
Наслагите од отпад создадоа карпи кои еродираат под влијание на бранови и плима, а тимот спроведе детална анализа откако забележал интригантни неправилни формации на карпите.
Аманда Овен од Школата за географски науки при Универзитетот во Глазгов и коавторка на студијата рече: „Со стотици години го гледаме карпестиот циклус како природен процес што трае илјадници до милиони години.“
„Овде откривме дека материјалите создадени од човекот се вклучуваат во природните системи и стануваат литифицирани – се претвораат во карпи – за период што се мери во децении“, додаде таа.
Лабораториските испитувања им помогнале на истражувачите да утврдат дека материјалите од згурата во Дервент Хау содржат наслаги на калциум, железо, магнезиум и манган.
Тие елементи се хемиски многу реактивни, што е клучно за забрзаниот процес на формирање на карпи.
Овие цементи се истите материјали што ги сврзуваат природните седиментни карпи, но хемиските реакции предизвикуваат процесот да се одвива многу побрзо отколку што претходно се мислеше дека е можно во природниот карпест циклус.
Научниците пронашле современи материјали заробени во некои од примероците, што им помогнало да ја утврдат брзината на процесот.
Џон Макдоналд, коавтор на студијата, изјави: „Пронајдовме монета од кралот Џорџ V од 1934 година и алуминиумска лименка со дизајн за кој утврдивме дека не можела да биде произведена пред 1989 година, вградени во материјалот.“
„Тоа ни дава максимална временска рамка од 35 години за оваа формација на карпа, што е во рамките на еден човечки живот“, додаде тој.
Научниците предупредија дека процесот може да има влијание врз екосистемите и нагласија дека се потребни дополнителни истражувања.