Индонезија вели дека подготвува 20.000 војници за евентуална мисија во Газа

Учеството на Индонезија ќе се фокусира на заштита на цивилите и поддршка на меѓународните напори за обезбедување траен мир.

Индонезискиот претседател Прабово Субианто им нареди на вооружените сили да подготват 20.000 војници за евентуална мировна мисија на ОН во Појасот Газа, објави денеска министерот за одбрана на земјата, Сафри Самсудин, цитиран од ДПА.

Зборувајќи во Министерството за одбрана во Џакарта, Сафри Самсудин рече дека силите ќе вклучуваат војници со медицинска и инженерска експертиза за поддршка на големи хуманитарни операции, објавија индонезиските медиуми.

Контингентот се обучува за лекување на жртвите од војната, обновување на виталните услуги и помош во обновата на клучната инфраструктура потребна за секојдневниот живот во енклавата.

Учеството на Индонезија ќе се фокусира на заштита на цивилите и поддршка на меѓународните напори за обезбедување траен мир.

Сафри додаде дека сè уште нема временска рамка за мисијата и дека Прабово Субианто ќе донесе конечна одлука штом ОН ќе ги разјасни своите барања.

Претседателот му рече на Генералното собрание на ОН во септември дека Индонезија е подготвена да испрати мировници во Газа и други конфликтни области.

Сè уште нема распоредени мировници на ОН во палестинската енклава.

Во Појасот Газа е во сила прекин на огнот од 10 октомври, иако оттогаш имало неколку случаи на обновено насилство, објави ДПА.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни