Над 1.000 загинати во катастрофалните поплави и одрони во Индонезија

Повеќе од 1,2 милиони луѓе се раселени по тропските бури и монсунските дождови во Суматра и Ачех
Photo: Anadolu Agency

Бројот на жртвите од катастрофалните поплави, одрони и лизгања на земјиштето во Индонезија достигна 1.003 лица, додека 218 лица сè уште се водат како исчезнати, соопшти денеска Националната служба за справување со катастрофи.

Според официјалните податоци, над 5.400 лица се повредени во силните поплави што ги погодија провинциите Северна и Западна Суматра и Ачех пред околу две недели. Поради уништените домови и инфраструктура, околу 1,2 милиони жители се принудени да престојуваат во привремени засолништа.

Тропските бури и обилните монсунски дождови овој месец зафатија големи делови од Југоисточна Азија, вклучувајќи ги Индонезија, Малезија и Тајланд, како и делови од Јужна Азија, особено Шри Ланка. Невремето предизвика ненадејни поплави, одрони и сериозни штети врз инфраструктурата и земјоделството.

Оваа катастрофа се оценува како една од најтешките што ги погодиле трите провинции на островот Суматра во последните години, со особено тешки последици во Ачех – регион кој и претходно беше погоден од разорниот цунами во 2004 година.

Според првичните проценки, материјалната штета изнесува околу 3,1 милијарда американски долари.

Индонезиската влада се соочува со критики поради тоа што не прогласила вонредна состојба, мерка која, според експертите, би можела да ја забрза испораката на помош и да ја подобри координацијата меѓу институциите. Дополнително, Џакарта не побарала меѓународна хуманитарна помош, за разлика од Шри Ланка, која веќе се обрати до меѓународната заедница.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни