Индија е трета во светот во производството на соларна енергија

Индија се искачи на третото место на светското рангирање за производство на соларна енергија, веднаш зад Кина на прво место и САД на второ место.

Растот на производството на сончева енергија во Индија во 2023 година изнесува дури 5,9 отсто од глобалниот раст на соларниот капацитет, покажува најновиот глобален преглед на електрична енергија за 80 земји објавен од аналитичкиот центар Ember.

Кога станува збор за новите енергетски капацитети во Индија оваа година, Институтот за енергетска економија и финансиска анализа (IEEFA) објави извештај за првиот квартал од 2024 година.

Според извештајот POWERup, Индија додаде рекордни 13.669 мегавати во својот енергетски микс во периодот од јануари до март оваа година, а обновливите извори на енергија сочинуваат дури 71,5 отсто од сите нови капацитети.

Кај обновливите извори на енергија доминираа соларните централи со 62,1 отсто од новите енергетски капацитети, односно 8495 MW.

Енергијата на ветерот сочинуваше 8,4 отсто од додадениот капацитет во првиот квартал од 2024 година, а земјата исто така го прошири својот нуклеарен капацитет за 700 мегавати.

Инвестициите во обновливи извори на енергија се намалени за 58,9 отсто во однос на првиот квартал од 2023 година, но индиската влада најавува дека секторот ОИЕ ќе привлече инвестиции во вредност од околу 16,5 милијарди долари.

Индија има намера да додава нови 40,7 GW обновлива и нуклеарна енергија секоја година за да постигне 500 GW нефосилен капацитет до 2030 година.

Земјата сè уште многу се потпира на фосилните горива, рангирајќи се како трет најголем светски емитер на стакленички гасови кои потекнуваат од енергетскиот сектор.

Иако капацитетите на јаглен исто така забележаа пораст во првиот квартал од 2024 година, вкупниот удел на јаглен во енергетскиот микс на Индија за прв пат падна под 50 проценти. Владата на Индија има намера да го задржи овој тренд, така што дури и во 2030 година производството на електрична енергија од фосилни горива не би надминало 50 проценти.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Најново

Последни колумни