Техеран би можел да биде приморан на евакуација поради сериозната водна криза, а експертите предупредуваат дека сите чешми во градот наскоро би можеле да пресушат, пишува Independent.
Официјалните лица предупредуваат дека иранската престолнина во блиска иднина ќе се соочи со моментот на таканаречениот „нулти ден“ – денот кога целосно ќе исчезнат резервите на вода.
Иран се соочува со тешка суша веќе шест години, а количеството врнежи во Техеран во првите два месеца од водната година – која започнува на 1 октомври – било речиси нулто, оставајќи ги резервите во акумулациите на опасно ниско ниво.
Властите во Техеран воведоа низа мерки: намалување на притисокот на водата, дискусии за рационализација и намалување на трошоците, а предложени се и поригорозни решенија како евакуација или преселување на престолнината доколку наскоро не паднат врнежи.
„Зборуваме за неколку недели или дури денови кога станува збор за преостанатите залихи вода за Техеран. Нултиот ден, како што го нарекуваме во водоснабдувањето, е блиску. Тоа е денот кога чешмите ќе пресушат“, рече Кавех Мадани, директор на Универзитетскиот институт на ОН за вода, животна средина и здравје.
На почетокот на ноември, претседателот на Иран, Масуд Пезешкијан, предупреди дека ако до крајот на месецот не заврне во Техеран, ќе мора да се ограничува потрошувачката на вода и да се евакуира градот.
Во Иран нормално врнежите започнуваат наесен по жешкото лето. Сепак, периодот од септември до ноември бил најсушен во последните 50 години, соопшти Националниот центар за временска прогноза. Врнежите биле за 89% под долгорочниот просек.
Пезешкијан ја опиша ситуацијата како „исклучително критична“, наведувајќи дека акумулациите на браните во Техеран паднале на најниско ниво во последните шест децении – некои дури и на 10% од капацитетот.
Потрошувачката на вода расте уште побрзо, според Центарот за стратешки и меѓународни студии. Во 1976 година потрошувачката во Техеран изнесувала 346 милиони кубни метри годишно, а денес достигнува 1,2 милијарди кубни метри.
Полјопривредата и понатаму троши околу 80% од слатката вода во Иран, најголемиот дел преку неефикасни системи за наводнување во суви региони.
„Мора да се модернизираме“, предупреди во август претставникот на Министерството за земјоделство, Голамреза Гол Мохамади, посочувајќи дека застарените практики ги исцрпуваат подземните води и ги влошуваат рестрикциите на струја бидејќи системите за пумпање откажуваат.
