Денес во 16 часот на Плоштад Славија, студентите најавија протест, на кој ќе им се придружат земјоделци, актери, но и граѓани. Студентот на Универзитетот во Белград, Петар Сератлиќ, вели дека примарната цел на протестот е „да се испрати порака дека се незадоволни” и истакнува дека денеска нема никој да се обрати.
Околу 13 часот е забележан и првиот инцидент – На Златко Кокановиќ, кој пристигнал со трактор во Белград, возилото му било однесено со пајак од улицата Макензијева, каде што го паркирал. Претходно се качил на тракторот, но мажи во црни јакни го симнале насилно од него. Небојша Петковиќ пак, бил приведен поради навредување на полицијата.
„Планот е да се собереме денес, да молчиме, но и да бидеме малку бучни. Нашата борба засега е студентска, но ние ова го гледаме како борба на целиот народ и ги повикуваме сите да ни се приклучат денес“, рече Сератлиќ за Н1.
Коментирајќи го она што се зборува на социјалните мрежи за можни инциденти, тој истакнува дека секогаш постои можност за инциденти на протестите, но дека се сомнева дека ќе има поголеми.
„Секогаш сме подготвени за инциденти, односно знаеме што треба да правиме тогаш и гарантирам дека студентите никогаш нема да иницираат инцидент. Ние сме против инциденти, но ќе се браниме ако тоа биде неопходно“, рече тој.
Додава и дека пред протестот во 16 часот на Славија, студентите, како и секој ден, ќе оддадат почит на загинатите во Нови Сад во 11:52 часот.
На Славија е планирано собирање од 16 до 16:30. По петнаесетминутно молчење од 16:30 до 16:45, кое ќе биде посветено на жртвите на новосадската Железничка станица, од 16:45 до 18 часот ќе се изведат студентски перформанси, а по чистењето на Славија од 18 до 18:45, студентите ќе се вратат на блокадите.
Поддршка на студентите, најавија и земјоделци и актери. Сите заедно бараат одговорност за трагедијата во Нови Сад и процесуирање на насилниците кои провоцираа на мирните блокади.
Земјоделците, кои претходните денови ги блокирале сообраќајниците, а вчера подготвиле гулаш за студентите во новосадскиот студентски град како поддршка, бараат смена на премиерот Милош Вучевиќ, ресорниот министер и претседателот на Собранискиот одбор за земјоделство.
Протестот, како што е соопштено, ќе го поддржи и иницијативата „Мост останува“, која се противи на отстранувањето на белградскиот Стари Савски мост. Тие ги повикаа граѓаните да им се приклучат.
На Инстаграм страницата Студенти во блокада е објавен прирачник за протестот.
Од реквизити треба да се понесат свирчиња, транспаренти, мегафон, ткаенина со која можат да се покријат устата и носот (за секој случај), наметка и чадор и фотоапарат.
Студентите на социјалните мрежи објавија и препораки за учесниците на протестот:
Држете се заедно во вашите студентски групи. Кога ќе забележите дека околу вас не се вашите колеги или кога ќе забележите сомнителни лица во вашата околина, тоа е знак да се повлечете од тоа место.
Не одговарајте на никакви провокации. Секогаш имајте на ум дека студентите мирно протестираат.
Не носете домашни миленичиња на протестот поради нивната безбедност.
Ако забележите неадекватно однесување на полицијата или сомнителни лица, оддалечете се заради своја безбедност.