Македонското еколошко друштво распиша нов натпревар на фотографии, преку кој и годинава ќе биде избран материјалот за традиционалниот календар за 2027 година. Овојпат, во фокусот се пасиштата, сточарите и животот поврзан со нив, во согласност со тоа што 2026 е прогласена за меѓународна година на пасиштата и сточарите.
Од МЕД ги повикуваат сите заинтересирани да учествуваат, без разлика дали професионално се занимаваат со фотографија или едноставно имаат желба преку фотографија да ја прикажат автентичната убавина на регионот Шара-Кораб-Коритник-Маврово, кој се протега на територијата на Македонија, Косово и Албанија.
Фотографиите што ќе бидат испратени треба да ги следат правилата за учество и да се однесуваат на теми поврзани со природата и традиционалниот живот на пасиштата. Може да прикажуваат диви растенија и габи, диви животни на пасишта, локално специфични ендемични видови, пејзажи, како и традиционални пасторални практики и односот меѓу човекот и природата.
Организаторите посочуваат дека фотографиите може да бидат направени во кое било годишно време, а рокот за испраќање е до 30 септември. Пријавите треба да се испратат на електронската адреса calendar@mes.org.mk.
Натпреварот е дел од пошироката заложба за промоција на природните вредности и културниот пејзаж на овој прекуграничен регион, кој со години е препознатлив по богатата биолошка разновидност и традициите поврзани со сточарството.