Илјадници студенти и граѓани во изминатите 24 часа ги блокираа улиците на Белград, Вучиќ повика на дијалог и најавува реконструкција на Владата

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, пак најави дека сите студентски барања ќе бидат исполнети. Вучиќ исто така вети реконструкција на Владата на Србија, велејќи дека очекува „повеќе од 50% од министрите да бидат заменети

Илјадници студенти, со поддршка на граѓаните, во изминативе 24 часа ја блокираа „Автокоманда“, една од главните раскрсници во Белград.

Блокиран беше патот помеѓу Востаничка улица и Булеварот Ослободувања. Полицијата го пренасочуваше сообраќајот на други патни правци.

Вчера на студентите се приклучија и повеќе илјади луѓе, жители на Жарково и Баново Брдо. Граѓаните кои пристигнале биле пречекани со аплауз од собраните.

Меѓу оние кои протестираа имаше глумци, пејачи, политичари и луѓе од јавниот живот.

„Овие студенти се една тврдоглава генерација млади луѓе, кои ја собраа мудроста на постарите и денес имаат јасни и едноставни барања, изјави актерот Петар Бенчина, кој на блокадата на Автокоманди пристигна да ги поддржи како своите, така и другите студенти.

Петар Бенчина, актер, но и доцент на Факултетот за драмски уметности, ја опиша блокадата како величествена.

„Секако дека почувствував потреба да застанам покрај нив, тие се и мои студенти и кога се така чесни, едноставни, праведни. Излегов затоа што сите сакаме подобро општество и затоа што нивните барања се многу едноставни и не е тешко да се исполнат“, рече тој на блокадата на Автокоманда.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, пак најави дека сите студентски барања ќе бидат исполнети. Вучиќ исто така вети реконструкција на Владата на Србија, велејќи дека очекува „повеќе од 50% од министрите да бидат заменети“.

Последните два месеца, студентите ширум Србија организираат протести и блокади на улиците, барајќи утврдување кривична одговорност за трагедијата во Нови Сад кога во падот на надстрешницата загинаа 15 лица, а две лица беа тешко повредени.

Секој ден во 11:52, кога падна надстрешницата, студентите и многу граѓани блокираат улици во градовите низ Србија, оддавајќи почит на загинатите.

Досега организирале низа протести пред разни институции, меѓу кои и главното обвинителство и Уставниот суд, барајќи тие да постапуваат согласно законите.

На 24 јануари беше организиран еден од најмасовните антивладини протести во Србија во последните децении.

Студентите држат во блокада повеќе од 60 факултети и две седишта универзитети, барајќи и кривична и политичка одговорност за смртта на 15 лица при падот на надстрешницата на Железничката станица во Нови Сад.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни