Илон Маск формира нова политичка партија по несогласувањата со Доналд Трамп

Милијардерот Илон Маск, до неодамна близок соработник на Доналд Трамп и најголем индивидуален донатор на неговата кампања во 2024 година, објави дека започнал со формирање на нова политичка партија. Причината – несогласување со политиките на актуелниот претседател, особено со контроверзниот закон за внатрешна политика кој, според Маск, ќе го зголеми федералниот дефицит за трилиони долари.

„Кога станува збор за банкротирање на земјата преку расипништво и мито, не живееме во демократија туку во еднопартиски систем. Американската партија е формирана за да ја вратиме слободата“, напиша Маск на својата платформа Икс.

Иако деталите за програмата на новата партија сè уште не се целосно познати, Маск најави дека ќе се залага за фискална одговорност и намалување на јавната потрошувачка. Според него, новата формација ќе биде активна веќе на следните среднорочни избори, поддржувајќи кандидати во неколку трки за Претставничкиот дом и Сенатот.

Спорот меѓу Маск и Трамп ескалираше во последните недели, и покрај тоа што претходно Маск се обиде да ги смири тензиите со бришење на некои критички објави. Трамп, пак, возврати со закани дека неговата администрација ќе ги преиспита милијардните договори со компаниите на Маск.

Иако формирањето на трета политичка партија во САД е процес исполнет со финансиски и правни предизвици, Маск не отстапува од намерата. Тој истакнува дека актуелниот двопартиски систем е нефункционален и дека нова алтернатива е неопходна за вистински демократски избор.

Досега не постојат официјални записи во Федералната изборна комисија за регистрирање на новата партија, но Маск уверува дека подготовките се во тек.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни