Во Кочани денеска беше откриено спомен-обележје во чест на Илчо Гоцевски, возач на Итната медицинска помош, кој во ноќта на трагедијата во „Пулс“ несебично превезуваше повредени и спасуваше животи.
Спомен-обележјето, поставено пред Итната медицинска помош при Општата болница во Кочани, беше откриено со симболичен звук на сирена од амбулантно возило.
Илчо Гоцевски, познат како Иле, почина на 17 март во својот дом, по исцрпувачката ноќ во која повеќепати превезуваше повредени до скопските клиники. Во текот на трагичните часови меѓу 16 и 17 март, тој дури единаесет пати се вратил на терен за да помогне.
Споменикот е подигнат на иницијатива на неговите колеги од Итната медицинска помош, со поддршка од локалната заедница.
„Иле не беше само колега, туку човек кој во секојдневието носеше топлина и надеж, а во најтешките моменти покажа вистинска храброст. Без двоумење одеше напред, воден од желбата да помогне и да спаси други“, истакна Љупчо Ѓоргиевски во емотивното обраќање.
На настанот присуствуваа претставници на Владата, пратеници, членови на Советот на Општина Кочани, здравствени работници, семејството, пријатели и бројни граѓани.
Бистата, изработена како донација од вајарот Филип, претставува симбол на тивкото херојство и пожртвуваноста на Гоцевски, чие дело останува длабоко врежано во сеќавањето на заедницата.
Името на Илчо Гоцевски ќе остане запаметено како пример за човечност, хуманост и несебична жртва во најтешките моменти.