Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) денеска излезе со пакет итни мерки и препораки поради алармантната состојба со отпадот во Скопје, барајќи „итна и неодложна“ мобилизација на сите расположливи технички, човечки и финансиски ресурси за чистење на градот.
ИЈЗ, како апсолутен приоритет го посочи чистењето околу болниците, домовите за стари лица, училиштата и детските игралишта.
Оттаму, предупредувааат и на потребата од интензивен надзор за појава на заразни заболувања како лептоспироза.
Препораки до граѓаните
Институтот апелира и до населението за максимална претпазливост и совесно однесување, што вклучува:
Одржување на лична хигиена (миење раце, користење ракавици и маски при фрлање отпад).
Задолжително затворање на капаците на контејнерите.
Избегнување секаков незаштитен физички контакт со отпадот и исцедокот од него.
Зголемено внимание при шетање на домашни миленици за да не дојдат во допир со ѓубрето и застоената вода.
Да не се фрла отпад надвор од одбележаните места.
Покрај овие акутни мерки, ИЈЗ потсетува дека долгорочното решение лежи во воспоставување на интегриран систем за управување со отпад, кој вклучува редовна набавка на опрема, рециклирање и постојана едукација на населението.
Непосредни, брзи и акутни мерки
– Итно и неодложно отстранување на одложениот и расфрлан отпад во и надвор од контејнерите со сите расположиви технички, човечки и финансиски ресурси;
– Итна мобилизација за собирање и отстранување на најголемите купишта во населени места со најголема изложеност; приоритет: болници, домови за стари лица, основни и средни училишта, паркови и игралишта;
– Итно, вонредно испирање, дератизација, дезинфекција и дезинсекција на местата со расфрлан отпад и контејнерите;
– Каде не е можно ова, да се постават физички времени бариери (мрежи) за да се спречи пристапот на глодари и улични животни;
– Дислокација на контејнерите – подалеку од почести патики на движење на луѓето и особено подалеку од детски игралишта, училишта, градински или здравствени институции;
– Редовен транспорт и празнење на контејнерите (минимум еднаш дневно во погусто населените делови од градот);
– Задолжително затворање на капаците на контејнерите;
– Итна набавка на потребната опрема особено соодветен број на контејнери (механизација во континуитет);
– Заштита и намалување на штетната изложеност на сите работници кои доаѓаат во контакт со отпадот (опрема за лична заштита) вклучително и задолжителна вакцинација; тренинг за правилно ракување и известување за повреди;
– Интензивен надзор за заразни заболувања: засилено пријавување со епидемиолошко истражување (фокус на дијареи, случаи на лептоспироза, хоспитализирани пациенти со зоонози и слично);
– Едукација на населението за здравствените ризици поврзани со овој проблем и препознавање на симптомите поврзани со истото;
– Јавна комуникација: предупредувања и практични совети до граѓаните (лична и колективна хигиена, како да ја чуваат храната, да избегнуваат стагнирана вода, да избегнуваат физички контакт со отпадот или исцедокот, како да пријавуваат нелегални депонии).
Долгорочни мерки
– Интегриран систем за управување со комунален отпад (редовно отстранување, навремена набавка на потребна опрема, контејнери и механизација);
– Имплементација на систем за управување со цврст отпад преку смалување, повторна употреба, рециклирање и регенерација;
– Постојана едукација на населението за примарна селекција на отпадот, во најмала рака на органски и неоргански отпад и совесно одлагање на отпадот (во контејнерите, кабастиот отпад на соодветен начин а не во контејнерите и сл.);
– Образовни програми за граѓаните и вклучување на локалните заедници во решавање на проблемот (на пример, механизми наградување за селекција/откуп).
– Контролни и регулаторни политики – казнување за несовесно одлагање на отпадот, чести локални инспекции, програми за често и редовно чистење на јавните простори и улици (прво механичко отстранување на отпадот со метење, потоа миење).
