Игри на (не)среќа

Казина, обложувалници и брзи кредити на секој чекор. Иако не постои официјална статистика на зависни од игрите на среќа во нашата држава, сметам дека можеме да претпоставиме дека бројката би била фрапантна. За жал, верувам дека секој еден од нас има некој близок, или барем познава некој кој се соочува со овој проблем. Тонеме во сиромаштија и едвај врзуваме крај со крај, од ден за ден, па и благодариме на државата што ни овозможува ваков лесен пристап до пари со секојдневно издавање на нови дозволи за отворање што повеќе објекти за игри на среќа и продавници за брзи пари.

Од една анкета спроведена од МОФ на темата младите и обложувалниците, на прашањето – „Дали досега сте влегле во локал за игри на среќа“ со „Да“ гласале 414 млади, додека со „Не“ гласале 296 млади. Најмногу од младите кои се изјасниле на анкетата велат дека овие објекти ги посетуваат неколку пати месечно.

Свесно одлучуваме да останеме несвесни и слепи на овој проблем, не постои статистика на зависници, не постојат кампањи за подигање на јавната свест за штетноста од игрите на среќа, не постојат опции за помош, не постои адресирање на овој проблем ниту од страна на медиумите, ниту од образовниот систем. Во разговор со една од вработените во ХОПС (организација која меѓу другото се бави со помош и поддршка на зависници), дознав дека најтешките случаи со кои се соочуваат не се ниту зависниците од дрога, ниту од алкохол, туку токму од коцка.

Сиромаштијата, невработеноста и ограничените можности за образование се социо-економски фактори кои ги прават младите во посиромашните земји особено подложни на зависност од коцкање. За многумина, сонот за подобар живот станува синонимен со голема добивка преку коцкање. Недостигот на алтернативни начини за успех доведува до очај, оставајќи ги ранливи на експлоатација од бескрупулозните оператори на коцката. Како што тонеме подлабоко во канџите на зависноста, иднината на младите која треба да ветува се троши и исчезнува, образовните аспирации се напуштаат и соништата се рушат. Младите, столбот на напредокот на секоја нација, се заплеткуваат во маѓепсан круг што го запира нивниот личен раст и го поткопува општествениот развој.

А државата, зад превезот на “овозможување работни места“ ни овозможува само да гледаме како нови жртви секојдневно паѓаат на илузијата дека овој пат навистина ќе добијат. За да се справиме со зголемената криза на зависност од коцка, неопходен е повеќестран пристап. Гарнитурите во Владата мора да видат подалеку од својот нос и да дадат приоритет на регулативата и да го ограничат ширењето на коцкарските установи, и онлајн и офлајн. Потребни се кампањи за подигање на јавната свест и  промоција на поздрави алтернативи – достоинствени шанси и услови за вработување. Потребен ни е системски пристап за решавање на овој проблем и укажување дека постои опција за помош. Но еве за почеток, може да се обидеме со затворање на барем половина од илијадниците кладилници и обложувалници.

Авторката е студентка по меѓународно право и односи и активистика во студентски движења

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни