Во пресрет на Меѓународниот ден на жената, на 6 март (петок) во просториите
на Детскиот културен центар – Карпош со почеток од 10:00 часот, ќе се одржи
манифестацијата „Играм и пеам за мојата мајка“ со поднаслов „Љубов и насмевка за
сите жени“.
Настанот е посветен на мајките и жените, како израз на благодарност, љубов
и почит кон нивната секојдневна грижа и поддршка. Во рамки на програмата ќе биде
отворена изложба на ликовни трудови изработени од децата од градинките на Град
Скопје, кои преку боја, форма и креативност ќе ја претстават својата искрена детска
љубов кон мајките.
Посебна чест и радост на овогодинешната манифестација е присуството на
Јасмина Атанасова-Симјаноска, првата оџачарка во Македонија, која ќе им се
обрати на децата и ќе го сподели своето животно искуство под мотото:
„Оџачарот носи среќа – Оџачарката носи дупла среќа!“
Јасмина е дипломиран архитект, енергетски контролор, судски проценител на
недвижности, автор на учебници, автор на поезија и проза, а од 2016 година и
дипломирана оџачарка.
Преку разговор и инспиративна порака, таа ќе им објасни на малите учесници
дека секоја жена може да биде успешна во секоја професија што ќе ја одбере –
доколку верува во себе, сонува и се труди.
Настанот има за цел да ги поттикне најмладите да растат со почит кон жените, со
свест за еднаквост и со разбирање дека љубовта и добрината се најголемата сила
што ги поврзува сите генерации.
Дата: 6 март
Локација: Детски културен центар – Карпош
Време: 10:00 часот