Специјалното издание на емисијата (Не)успехот на шампионите, водена од Славен Билиќ, предизвика огромно внимание, а причината беше редок гостин, Златан Ибрахимовиќ. Легендарниот напаѓач за првпат во толку обемен разговор зборуваше на хрватски јазик, отворено, без задршка и без филтри.
Во првиот дел од интервјуто, Ибрахимовиќ се наврати на своето детство, се присети на растењето во Малме, првите фудбалски тренинзи и почетоците на кариерата, како и на моментите кога, како и секое момче, ги барал своите идоли.
Познато е дека Златан и претходно истакнувал дека Бразилецот Роналдо бил негов голем фудбалски идол, но во разговорот со Славен Билиќ дополнително објасни зошто токму тој имал пресудно влијание врз неговиот развој, не само како играч, туку и како личност.
„На телевизија го гледав Мухамед Али. Телевизорот тогаш не беше во боја, сè беше црно-бело. Го гледав како зборува, како се однесува. Не беше арогантен. Како дете веднаш посакав да дознаам кој е тој“, рече Ибрахимовиќ, па продолжи:
„Си реков: сакам да бидам како него, но во фудбалот. Почнав да гледам натпревари и тогаш првпат го видов Роналдо.“
Во тој момент, вели Златан, сè станало јасно.
„Кога ќе видиш таков играч, почнуваш да го правиш тоа што го прави и тој. За мене Роналдо беше – и остана – најдобриот фудбалер на сите времиња. Има многу големи фудбалери, но тој е број еден“, изјави Ибрахимовиќ без никаква дилема.
Тој откри и колку бил опседнат со играта на Роналдо во времето пред социјалните мрежи.
„Немаше Инстаграм ниту YouTube. Одев во библиотека, барав снимки, се криев за да ги гледам неговите дриблинзи и потези. Сакав да ги ‘украдам’ тие финти“, призна Ибрахимовиќ, па заклучи:
„На крајот некако го изградив својот стил – преку Мухамед Али и Роналдо.“
Да потсетиме, Златан Ибрахимовиќ во 2001 година од Малме премина во Ајакс, по што започна една од највпечатливите фудбалски кариери на модерната ера. Играше за Јувентус, Интер, Барселона, Милан (во три наврати), Пари Сен Жермен, Манчестер Јунајтед и ЛА Галакси, а играчката кариера ја заврши во 2023 година, во дресот на Милан, на 41-годишна возраст.
